Фото: Влада

Тоа беше најтрагичниот настан во нашата понова историја и вистината треба да ја знаат сите и на вистински начин да се одлучи по однос на кој било предмет, изјави премиерот Димитар Ковачевски за случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово.

На новинарско прашање во врска со утврдувањето на одговорност на јавниот обвинител Љубомир Јовески за текот на постапката за случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово, по реакциите во јавноста по објавувањето на документарецот „Убиство во Тетово“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), премиерот изјави оти смета дека јавниот обвинител треба да биде на располагање во однос на кој било случај.

Во однос на наодите од германските форензичари, тој рече дека дел од документите кои што се однесуваат на спроведената постапка во тоа време, се во надлежност на Министерството за здравство.

– Сите тие документи се доставени до надлежните истражни и правосудни органи. Постои друг дел на документација која што е нарачана исклучиво од Обвинителството. И тука се однесува и на вештачењето кое што вие го споменавте. Тоа вештачење не е во домен на Владата, јас ги немам видено. Така да, единствен одговор кој што може да даде за во однос на тој документ, се тие кои што го нарачале и што го имаат – рече премиерот.

Преостанатите неплатени модуларни болници за Здравствениот дом Скопје премиерот рече дека може да бидат платени откако ќе завршат сите правосудни постапки.

– Претходниот министер за здравство има нарачано ревизија. Таа ревизија е доставена до Владата заедно со документите кои што се однесуваат на неплатените модуларни болници. И сметам дека врз основа на сите тие документи, Владата, сепак таа е колективен орган кој што одлучува колективно, меѓутоа плаќањето на преостанатите ќе може да биде извршено, ова е мој став, кога ќе бидат завршени сите правосудни постапки – појасни тој.

Претходно денеска, Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата побара оставка од функцијата Јавен обвинител на Љубомир Јовески. Според денешната изјава на Платформата пред Јавното обвинителство, од изведеното во документарецот „Убиство во Тетово”, истрагата на јавното обвинителство за пожарот во модуларната болница во Тетово не е целосна и не ги цени доволно заклучоците изнесени во Службената експертиза на германските експерти.

Во пожарот во тетовската модуларна болница во 2021 година својот живот го загубија 14 лица. Во врска со случајот, Тетовскиот суд изрече условна пресуда за обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми и правното лице Клиничка болница за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“. Ослободителна пресуда беше донесена за докторот Бобан Вучевски кој се товареше за делото „непостапување по здравствени прописи“.