Европската комисија денеска го претстави седмиот годишен извештај за владеењето на правото во Европската Унија, во кој годинава, покрај земјите членки, повторно се опфатени и четири држави кандидати за членство – Албанија, Црна Гора, Македонија и Србија.
Во извештајот се оценува дека во голем број земји од ЕУ продолжуваат позитивните промени и реформите во сите области што се следат, иако состојбата и натаму е нерамномерна, а во одделни држави остануваат сериозни предизвици.
На прес-конференцијата по повод објавувањето на извештајот, еврокомесарот за правда Мајкл Мекграт ја посочи Бугарија како позитивен пример поради законските измени усвоени минатата година за ограничување на политичкото влијание врз работата на Високиот судски совет.
Европската комисија наведува дека независното судство, ефикасните механизми за борба против корупцијата, слободните и плуралистички медиуми, како и силниот систем на институционални проверки и рамнотежа, ги штитат правата на граѓаните и ја зајакнуваат довербата во институциите и во демократијата. Истовремено, тие придонесуваат за правна сигурност, инвестиции, конкурентност и за економски раст.
Комисијата истакнува дека извештајот и препораките ќе имаат значајна улога при подготовката на следната долгорочна буџетска рамка на ЕУ, со цел обезбедување силни механизми за заштита на заедничкиот буџет. Потпретседателката на Европската комисија Хена Виркунен и еврокомесарот Мекграт појаснија дека наодите од извештајот нема директно да бидат поврзани со пристапот до европските фондови.
Во делот за правосудството, Комисијата наведува дека во изминатата година многу земји членки постигнале напредок во реформите преку зајакнување на независноста на судските совети, воведување дополнителни гаранции при изборот и дисциплинската одговорност на судиите, како и преку јакнење на самостојноста на обвинителствата. Сепак, во некои држави реформите се одвиваат побавно, а во одделни случаи остануваат сериозни сомнежи за независноста на судството. Кај повеќето земји кандидати продолжуваат реформските напори, но и понатаму постои загриженост поради можноста од несоодветно влијание врз судската власт.
Во делот за борбата против корупцијата, Комисијата потсетува дека ЕУ на крајот на мај усвои нови правила со усогласени стандарди за спречување, откривање и санкционирање на корупцијата. Според извештајот, повеќе земји членки усвоиле нови антикорупциски стратегии и ги зајакнале институционалните капацитети, но потребни се дополнителни мерки, особено во регулирањето на лобирањето, спречувањето на судир на интереси и обезбедувањето ефикасни истраги, обвиненија и судски пресуди. Во најголемиот дел од земјите кандидати законската рамка е подобрена, но потребни се дополнителни резултати во истрагите и во судските постапки за корупција.
Во поглед на слободата на медиумите, Европската комисија оценува дека земјите членки работат на усогласување на националното законодателство со европските правила. Во повеќе држави се преземаат мерки за зајакнување на независноста и финансирањето на јавните медиуми, како и за поголема транспарентност при распределбата на државното рекламирање. Посебно внимание се посветува и на подобрување на безбедноста на новинарите. Комисијата најавува дека ќе продолжи да поддржува создавање поповолна средина за новинарската професија и за квалитетното информирање. Во голем број земји се преземаат чекори и против таканаречените „SLAPP“ тужби, чија цел е попречување на работата на новинарите и на активистите. Кај повеќето земји кандидати има напредок во управувањето со јавните медиуми и со регулаторите, но останува загриженоста за концентрацијата на медиумската сопственост и за уредувачката независност на јавните радиодифузни сервиси.
Во делот за институционалните механизми, Комисијата предупредува дека во некои земји членки и натаму постои прекумерна употреба на итни законодавни постапки и недоволно вклучување на засегнатите страни во процесот на носење закони. Во повеќето држави продолжува поддршката за граѓанското општество, но во одредени земји организациите и понатаму се соочуваат со ограничувања во финансирањето и во остварувањето на правото на мирно собирање. Слични слабости се забележуваат и кај дел од земјите кандидати.
Извештајот посветува внимание и на единствениот европски пазар, оценувајќи го влијанието на владеењето на правото врз работењето на компаниите, специјализацијата на судовите за стопански спорови, спречувањето на корупцијата во јавните набавки, заштитата на инвестициите и обезбедувањето стабилна и предвидлива регулаторна средина.
Европската комисија ги повика земјите членки да ги спроведат препораките содржани во извештајот, додека за државите кандидати најави дека ќе продолжи внимателно да го следи спроведувањето на реформите и да презема понатамошни активности во однос на утврдените слабости, пренесува МИА.


































