Во областа на животна средина и климатски промени Северна Македонија има ограничен напредок, но минатогодишните препораки беа делумно исполнети, констатира Европската комисија (ЕК) во извештајот за напредокот на земјава во 2023 година и охрабрува да се преземат натамошни чекори кон зелената транзиција, особено во рамките на Зелената агенда за Западен Балкан.
Во извештајот се препорачува да се зајакне имплементацијата во сите сектори за да биде во тек со развојот на правото на ЕУ, а во наредната година земјава да спроведе конкретни мерки за намалување на загадувањето на воздухот на локално и национално ниво, да го намали загадувањето на слатководните ресурси и да го операционализира регионалниот систем за управување со отпад во источните и североисточните региони. Воедно се препорачува да го спроведе Парискиот договор, вклучително и со усвојување на Закон за клима и на националниот план за адаптација. Се препорачува и значително зајакнување на административните и инспекциските капацитети и спроведување на структурни реформи во сите сектори во делот животна средина и климатски промени.
-Во однос на хоризонталното законодавство во делот животна средина, треба да се интензивира работата за да се постигне целосно усогласување со директивите-темелници за оцена на влијанието врз животната средина и стратешка оцена на животната средина. Ова негативно влијае на сите други сектори на животната средина, инвестициите во инфраструктурата и целокупното учество и перцепција на јавноста, се вели во извештајот.
Законот за животна средина, се додава, беше изменет во јули 2022 година за да се воведе забрана за изградба/реконструкција на нови инсталации за тешки и загадувачки индустрии на помалку од пет километри од населено место или заштитено подрачје.
-Земјата се уште не се усогласила со Директивата за еколошка одговорност и Директивата за еколошки криминал. Недостигот од специјализиран кадар и слабиот институционален и административен капацитет ја поткопуваат контролата на квалитетот и извршувањето на проценките на влијанието врз животната средина, се посочува во извештајот.
Додека загадувањето на воздухот останува главна грижа во големите градови, како што се вели, постигнат е ограничен напредок во мониторингот на квалитетот на воздухот.
-Автоматската мониторинг мрежа продолжи да се одржува и беше надградена со нова станица која работи во Охрид. Во 2022 година финализирани се катастрите за емисии на воздухот за Кичево, Кочани, Штип, Кавадарци, Гевгелија и Прилеп, додека оние за Велес, Тетово, Гостивар и Струга се уште се во фаза на изработка. Плановите за квалитет на воздухот се одобрени за општина Гостивар во февруари 2023 година и за општина Куманово во декември 2022 година, се констатира во извештајот.
Во областа на управувањето со отпад се посочува дека е во тек процесот на затворање на нестандардните депонии и дека е намалена употребата на пластични кеси.
-Во септември 2022 година беше усвоен првиот Национален план за превенција на отпадот (2022-2028), со кој се утврдуваат регулаторните политики и практични мерки што треба да ги преземат различни засегнати страни во јавниот и приватниот сектор. Процесот за затворање на нестандардни депонии во источните региони е во тек. Употребата на пластични кеси е намалена за 80 отсто откако беше воведена нивната забрана до крајот на 2021 година. Системот воспоставен од колективните оператори за шемата за проширена одговорност на производителот (ИПР) што ги опфаќа јавните комунални претпријатија и лиценцираните приватни оператори посебно за собирање пластика, хартија и стакло од домаќинствата и деловните субјекти е оперативен, но капацитетот е ограничен, се вели во извештајот и се додава дека се започнати активности за натамошно подобрување на системот за ИПР.
Се нагласува дека имплементацијата останува значаен предизвик во секторот за управување со отпад.
-Северна Македонија треба да продолжи со напорите за усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ за управување со квалитетот на водите. Во февруари 2023 година, беше усвоена програмата за управување со водите за 2023 година за проектирање и изградба на нови и одржување и подобрување на постоечките јавни објекти за водоснабдување и регулација на водотеците. Правната и политичката рамка за интегрирано управување со водите усогласена со Акито за водите во голема мера е воспоставена. Сепак, бавното темпо на имплементација и спроведување е огромна, системска слабост, се констатира во извештајот и се додава дека е постигнат одреден напредок во зголемувањето на многу ниското ниво на финансирање.
Главен предизвик, како што се истакнува, останува недостигот од одржливо финансирање и административен капацитет за управување со заштитените подрачја.
-Активностите за идентификување потенцијални локации продолжија низ целата земја. Беа преземени првични чекори да се дигитализира системот за издавање дозволи, промовирање размена на информации и соработка за олеснување на имплементацијата. Постигнат е напредок во прекуграничната соработка за заштита на Преспанското Езеро за време на состаноците на Комитетот за управување со паркот Преспа и Работната група за управување со водите. Препораките на УНЕСКО за природното и културното наследство на Охридскиот регион остануваат недоволни. Секретаријатот на Бернската конвенција изврши мисија во врска со отвореното досие „Наводни негативни влијанија врз Охридското Езеро и Националниот парк Галичица – кандидати за области на Емералд“, поради развој на инфраструктурата. Во јули 2023 година, ЕУ и Северна Македонија го потпишаа договорот за учество на земјата во програмата LIFE. Приклучувањето кон програмата LIFE ќе и овозможи на Северна Македонија да учествува во различни активности за заштита на животната средина, вклучително и поддршка за природата и биодиверзитетот и климатските активности, се прецизира во извештајот.
Се нагласува дека допрва треба да се донесе законот за индустриски емисии наменет за индустриското загадување и управувањето со ризици и дека земјава треба да се усогласи со директивата Севесо III, Регулативата за еколошка ознака на ЕУ и системот за еколошки менаџмент и ревизија на ЕУ.
-Европскиот број за итни повици Е 112 е достапен за луѓето ширум земјата од февруари 2022 година. Флотата на противпожарни авиони беше сервисирана и набавена е нова противпожарна опрема. Северна Македонија ја потпиша ревизијата на административниот аранжман со Механизмот за цивилна заштита на Унијата. И покрај неговото долгогодишно учество во системот, не е постигнат напредок во поврзувањето на националниот комуникациски систем за итни случаи со Заедничкиот комуникациски и информациски систем на Европската комисија (CECIS), се посочува во извештајот.
Се нагласува дека допрва треба да се усвои новата национална стратегија за заштита и спасување за периодото од 2022 до 2025 година.
-Земјата треба да преземе конкретни чекори за воведување задолжителна програма за обука за целиот персонал за територијална, противпожарна и спасувачка/цивилна заштита, се истакнува во извештајот на ЕК за напредокот на земјава во 2023 година.