Фото:Ка.М

Во прилепската болница „Борка Талески“ започната е истрага за ненаменско
трошење на пари и утврдување на одговорност. Ова го истакна денеска доктор Кире
Јоноски, в.д директор на болницата, кој посочи дека кога ја презел функцијата, болницата била во катастрофална состојба.

– Во овој момент, морам со големо жалење да истакнам дека наследен е огромен
долг. Обврските што ги има болницата по разни основи изнесуваат речиси 193 милиони денари. По основ на неисплатени отпремнини и јубилејни награди должиме три милиони денари, по основ на извршни решенија долгот е 18.367.811 денари, а според нотарски платни налози, кои изнесуваат 25.560 денари, долгот е 40 милиони денари. Во болницата се трошело и на скапи телефони, на електрични тротинети, односно е трошено за 73 мобилни броеви, кои сметководствено не се евидентирани, а каде завршиле треба да утврдат органите на прогон. Во август 2024 повеќе од четири милиони денари потрошени се за готовинско плаќање, на фиктивни лица, пример за косење трева, без договор и без платен персонален данок. Затекнавме и суми за ресторантски услуги, репрезентации фактурирани од познати ресторани во Прилеп. Се плаќало и за едукации на медицински сестри, на кои никој не отишол на едукација. Има фиктивни транспорти, плаќања патувања за семинари во странство, пишување на прекувремени саати за исплата – рече д- р Јоноски, потенцирајќи дека ќе се борат со предизвикот за санирање на состојбите и подобрување на здравствените услуги кон граѓаните.

При тоа на прес конференцијата беше посочено дека наскоро се очекува да биде
одблокирана сметката и да се воведат нови услуги за пациентите.

Ка.М