Мис Стон, Катерина и Елена Цилка

ОД ИСТОРИСКИТЕ АРХИВИ: 122 ГОДИНИ ОД АФЕРАТА МИС СТОН

Афирмацијата на македонското дело во врска со аферата доаѓала од сите страни. Така, на пример, во почетокот на 1903 година англискиот конзул Елиот во еден извештај до англискиот министер за надворешни работи Ленсдаун информира за разговорот на мисионерот д-р Кларк со братот на Цилка, Стефанов. Тој истакнал дека одвлекувањето на Мис Стон го извршиле членови на македонскиот комитет, „кои дале заклетва дека откупните пари ќе бидат чесно употребени во каузата за македонската слобода…“

На 3 септември 1901 година започнува т.н. афера „Мис Стоун“, кога на патот од Банско за Симитли, кај месноста Потпрена Скала, четата на Јане Сандански ги киднапира американската мисионерка мис Елен Стоун и нејзината придружничка Катерина Стефанова-Цилка. Првичната намера на акцијата е да се обезбедат финансиски средства, но аферата го популаризира македонското прашање во светот, како и македонската идеја за слобода. Проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев од Институтот за историја нагласува дека, според времетраењето, спектакуларноста, остварениот финансиски ефект и афирмацијата на македонското ослободително дело на меѓународен план, тоа е најкрупната афера во историјата на Македонската револуционерна организација (МРО).

Главни актери во аферата биле Јане Сандански, Христо Чернопеев и Крсто Асенов, а мотивот за киднапирањето на мис Елен Стон произлегувал од финансиските потреби на македонското револуционерно национално-ослободително движење. Летото 1901 година на едно советување во Ќустендил, помеѓу Гоце Делчев, Јане Сандански и Христо Чернопеев било констатирано дека ситните грабежи го нарушуваат престижот на организацијата, a не придонесуваат за нејзино финансиско консолидирање. Оттука, Ј. Сандански предложил да cе киднапира бугарскиот кнез Фердинанд. Меѓутоа, Г. Делчев го отфрлил тоа и предложил да cе најде начин до пари да cе дојде надвор од границите на Бугарија.

Околу Петровден 1901 година, Сава Михајлов, Ј. Сандански и X. Чернопеев скроиле план да го фатат Сулејман-бег од Горна Џумаја. Планот не бил реализиран поради болест на бегот. Со слични намери, Сандански и Чернопеев заминале во Разлошко, каде што сметале да го фатат протестантскиот мисионер од Солун д-р Хаус. Бидејќи Хаус го одложил патувањето, планот пропаднал. Меѓутоа, тие дознале дека во Банско се наоѓа протестантската мисионерка мис Елен Стон и одлучиле да ja киднапираат. Според X. Чернопеев, тоа било попривлечно бидејќи „д-р Хаус, секогаш бил пријател на селаните… За мис Стон јас не држев многу. Таа често проповедаше против нас, велејќи им на селаните дека Господ ќе ги оттргне од бедите, a не разбојниците… тоа ја направи работата полесна за проголтување“.

За намерата бил сондиран месниот комитет во Банско, на чело со Димитар Лазаров и членовите: Борис Тодев, Симеон Молеров, Иван (Јонка) Колчагов и Иван (Јонка) Ваканов. Последните двајца биле протестанти, па затоа во прво време се колебале. Притоа бил утврден следниот план: 1. Четата ќе cе состои од малку луѓе, и тоа Сандански, Чернопеев, стариот ајдутин Стојан Просјакот, и уште двајца четници, кои два дена порано ќе заминат за с. Градево; 2. Фаќањето да cе изведе на патот за Разлог за Г. Џумаја, кај месноста Потпрена Скала; 3. Да се извести раководителот Ангел Мазнеов во с. Градево за да даде содејство; 4. Со четата да замине Вапцаров за да ги посочи жените; 5. Пред жените со бела крпа на главата ќе замине Митре Захов, за да го најави нивното пристигање; и 6. За придружничка на мис Стон да се земе г-ѓа Елена Ушева. Дозвола за реализација на планот била побарана од Г. Делчев и Ѓорче Петров. Делчев со колебал, a Ѓорче не верувал дека ќе се извлечат големи пари. Творците на планот одлучиле да дејствуваат на своја рака.

Во текот на грабнувањето се појавиле непредвидени околности и проблеми. Мис Стон од Банско тргнала подоцна од планираното. Во меѓувреме поради присуство на турска војска, селаните не успеале да ja снабдат четата навреме со храна. Така, во дводневното чекање на патниците, четниците прегладнеле. Оттука, веднаш по одвлекувањето, тие го претресле багажот на патниците. Притоа им била одземена сета храна и една Библија. Според Сандански, тие во почетокот се труделе меѓу себе да говорат турски, но брзо се откажале бидејќи не го познавале добро.
– Непосредно пред одвлекувањето, на местото на заседата неочекувано се појавил еден Арнаутин. По предупредувањето да застане, тој почнал да пука со револвер, при што полесно ранил едно момче. Затоа, тој бил поведен со пленетите патници. При распрашувањето, Сандански и Чернопеев утврдиле дека станува збор за насилник, кој извршил многу злосторства. Поради тоа К. Асенов ја изгубил ладнокрвноста и веднаш го ликвидирал пред очите на фатените патници. Тој настан, како и земањето храна од свинско месо, го поткопал мислењето на патниците дека грабнувачите ce Турци – вели проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев.

Афирмацијата на македонското дело во врска со аферата доаѓала од сите страни. Така, на пример ,во почетокот на 1903 година англискиот конзул Елиот во еден извештај до англискиот министер за надворешни работи Ленсдаун информира за разговорот на мисионерот д-р Кларк со братот на Цилка, Стефанов. Тој истакнал дека одвлекувањето на мис Стон го извршиле членови на македонскиот комитет, „кои дале заклетва дека откупните пари ќе бидат чесно употребени во каузата за македонската слобода…“

Мис Стон и нејзината придружничка Катерина Цилка шест месеци биле задржани од комитите и криени од Турците на Малешевските Планини и на Пирин Планина, во Пиринска Македонија. Биле ослободени на 23 февруари 1902 година за откуп од 14.500 турски лири во злато, со кои македонските револуционери купиле оружје. Средствата за откуп биле собрани преку доброволни прилози во САД. Како донатори за откупот на Мис Стон се регистрирани 2.261 лице, кои подариле од 10 центи до 5.000 долари.

Мис Стон била задоволна од односот на комитите и народот кон неа, па подоцна за тоа кажувала и во интервјуа за американските весници. Дури напишала и книга, но пред печатењето целиот материјал изгорел во пожар во американскиот град Челзи, во која таа живеела, а таму и починала во 1927 година.

Катерина Цилка била бремена во моментот на киднапирањето и се породила, според некои извори, во Ратево, Беровско, во текот на заробеништвото. Неколку години по ослободувањето од заложништво, Катерина Цилка со писмо од САД ѝ се заблагодарила на бабицата баба Миропа од Ратево за успешното породување што го имала во многу тешки услови.

Пленетите мисионерки биле ослободени на 23.2.1902 г. во с. Градашорци, Струмичко.
Аферата „Мис Стон“ придонела за подолготрајно присуство на македонското прашање во американскиот Конгрес и Стејт департментот и по нејзиното завршување.