Фото: МВР

Упатството за постапување во случај на дојава за бомби е променето, но проверките и натаму остануваат. Ова го соопшти министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кој вечерва посочи дека не само МВР туку и другите институции треба да постапат за да се спречат лажните дојави. Спасовски веќе побарал од агенциите задолжени за безбедноста на државата, да дадат што направиле поврзано со дојавите, по што министерот додаде: „Ако некоја институција не презела нешто што требала, ќе го известиме Обвинителството“. Тој додаде дека полицијата патролно ги обезбедува училиштата 24 часа во денот.

-МВР од првиот момент интензивно работи. Оваа активност не е само некоја со која треба да се справи само МВР туку и Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за електронски комуникации. Ние работевме интензивно изминатиот период – посочи Спасовски.

Тој додаде дека упатството по кое е постапувано при дојава за бомби е променето оти било застарено.

-Донесовме упатство, односно акт. Согласно него, ќе започнеме нови активности од утре. Дадени се одредени насоки, работиме интензивно со Министерството за образование и наука. Ќе се започне со комуникација со нашите сектори со образовните институции и на тој начин да дојдеме до решение каде учениците ќе бидат безбедни, а и наставниот процес ќе биде безбеден. Упатството е такво дека мора да се преземаат тие мерки што мора да се преземаат. Затоа мора колегите да постапуваат. Но не останавме само на постапувањето, туку оваа состојба да се реши – додаде Спасовски.

Министерот за внатрешни работи смета дека сите институции треба да се борат, кога во прашање е терористичка закана.

-За нас безбедноста на граѓаните, учениците, наставниците, е приоритет. Но секој треба да си земе обврска – додаде тој.