Во Судот во Прилеп денеска почна подготвителна постапка за случајот со убиството на 14-годишното момче, што се случи пред една недела во центарот на Прилеп.
Како што информираат од Судот, во тек е постапка по поднесено барање на Основното јавно обвнинителство за спроведување подготвителна постапка спрема детето Х.М., за кое постои основано сомневање дека сторило кривично дело „убиство“.
– Постапката е тајна. Судијата за деца презема истражни дејствија по предлог на Основното јавно обвнинителство, и тоа: сослушување сведоци, сослушување на оштетените, на детето кое го извршило убиството, вештачење – информираат од прилепскиот Основен суд.
Пред судијата за деца исказ денеска дадоа таткото на убиеното момче и сведок во случајот, а утре исказ треба да даде малолетникот кој го изврши убиството. Обвинителството побара психијатриско вештачење на 15-годишникот што го изврши убиството.
Според неговиот бранител, не станува збор за убиство со премисла, туку за чин во состојба на афект или силна разразнетост.
– Обвинителството има поднесено предлог да се изврши психијатриско вештачење за пресметливоста на малолетникот, но и во поглед на неговата психичка состојба. Утре ќе биде сослушан, но не знам каква ќе биде неговата изјава пред судијата за деца – изјави Кирил Топчиоски, адвокат на малолетникот што го изврши убиството.
Според Топчиоски, нема мотив, ниту премисла за убиството.
– Според сегашните докази, делото е извршено во состојба на афект или силна раздразнетост. Но нема мотив – вели Топчиоски.
Адвокатот објаснува дека малолетникот во притвор може да остане до 90 дена, а за тоа време треба да заврши судската постапка. Според законот, не може да добие затворска казна како кај полнолетните лица, туку казната е со алтернативни мерки или во институции, најмногу до пет години.
Откако ќе се собере доказниот материјал се враќа во Обвинителството каде се подготвува обвинителниот акт.
Трагичниот настан се случи на 29 февруари, околу 19 часот. Во влезот на прилепската зграда позната „деветтокатница“ момчето било физички нападнато и избодено. Успеало да побегне на булеварот, но паднало без знаци на живот.