Фото: Архива/Игор Бансколиев

Полициски службеници денеска во 9 часот на Граничниот премин Деве Баир го лишија од слобода Н.П.С. (34) од Плевен, Бугарија. По претходно преземени оперативно тактички мерки од страна на СВР Скопје и добиени оперативни податоци од бугарските полициски служби, утврдено е дека Н.П.С. е сторител на повеќе кривични дела „измама“ по чл.247 од КЗ.

Како што информира МВР, во периодот од 18 септември до 1 октомври на подрачјето на СВР Скопје биле пријавени осум измами, при што од оштетените – повозрасни лица, тој успеал да одземе околу 40.000 евра и злато во вредност од околу 10.000 евра.

– Измамникот успевал оштетените да ги доведе во заблуда телефонски јавувајќи им се и кажувајќи им дека член на нивното потесно семејство наводно предизвикал сообраќајна несреќа, при што има загинато дете, и доколку сака да го спаси од одење во затвор, барал од оштетените поголема сума на пари – соопшти МВР.

При извршениот претрес кај Н.П.С. се пронајдени 10.400 евра, картици за телефон, телефон и други предмети поврзани со кривичните дела.  По документирање на случаите, ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното обвинителство.

Од МВР апелираат граѓаните да внимаваат и да не наседнуваат на вакви измами, а доколку добијат вакви повици, случајот веднаш да го пријават во најблиската полициска станица или на бесплатниот телефонски број 192.