Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нема нагло сопирање, туку сопирање со моторот во комбинација со мал притисок на педалот на ножната сопирачка. Сопирањето се врши постепено, со цел да се избегне блокирање на тркалата. Ако тркалата се блокираат, возилото се лизга и се губи контрола. Тогаш треба да ја отпуштите сопирачката, потоа постепено да сопирате и истовремено да го сопирате моторот – префрлете го во помала брзина, односно менувачот во помала брзина, објаснуваат сообраќајните експерти И за отворањето на замрзнатите врати од возилата има посебна и ефикасна техника. Важен совет: кога ја отворате која било врата при ниски температури, а констатирате дека вратата е замрзната и не се отвара, најпрво притиснете ја вратата навнатре, кон внатрешноста на возилото. На тој начин ќе се ослободи замрзнатата врата и лесно ќе се отвори

ВОЗЕЊЕ ВО ЗИМСКИ УСЛОВИ

Студот никако да попушти, а тоа значи дека нема да завршат зимските маки за возачите. Можеби еден од најголемите проблеми е возењето на подмрзнати улици, па тоа е една од најголемите замки со кои се соочуваат возачите. И покрај зимските гуми, тоа не значи дека пролизгувањето на возилото не е можно. Напротив, во такви ситуации е потребна посебна претпазливост, бидејќи многу лесно може да се случи излизгување, а во некои случаи и посериозни сообраќајни несреќи.

Зимските услови бараат посебни техники на управување со моторно возило

Деновиве пред нас метеоролозите најавија сув студ, а токму тој е причина за подмрзнување на улиците. Возењето по ледена површина е доста чест проблем за возачите, а нашето истражување покажува дека доста е голем процентот на возачи што воопшто не се сретнале со возење по мраз, па од тие причини и не знаат како да го контролираат возилото кога ќе се најдат во таква ситуација.
Честопати се поставува прашањето како да се однесувате во сообраќајот кога се соочувате со подмрзнат асфалт и на кој начин може да го контролирате возилото.
Од нашата мини-анкета добивме информација дека многумина од возачите што се соочиле со голомразица не само што не знаат како да го контролираат возилото туку и веднаш ја притискаат сопирачката, што е една од најголемите грешки, бидејќи токму наглото кочење е една од главните причини за возилото да излезе од контрола.
Од анкетирани 30 возачи, повеќе од половината одговорија дека добро се снаоѓаат во зимски услови. Меѓутоа, 12 возачи одговорија дека избегнуваат возење во зимски услови, а ако мораат, возат под притисок, бидејќи се под стрес затоа што не знаат како да го контролираат возењето. Тие велат дека им пролизгува и не знаат како да го стават под контрола.
Независно дали станува збор за замрзнат дожд, веќе замрзнат асфалт или малку снег на улицата, професионалните возачи објаснуваат дека зимските гуми во такви случаи не помагаат многу, а не помага ниту погонот на четири тркала.
– Имено, кога има мраз на патот, има екстремно мало или најчесто никакво триење и отпор за да ги насочите гумите каде што сакате да одат. Затоа, бидејќи техничките услови се нешто на што не можете да се потпрете, единствениот начин да се вози во такви услови е далеку од безбеден за човекот. Доколку сте веќе на пат, основен совет е да возите полека и да внимавате, почитувајќи ги сите знаци, притоа држејќи се на големо растојание од возилото пред вас – велат тие.

Неколку совети за безбедно сопирање на возилото во зимски услови

Сепак, ако сте на леден пат, користењето на сопирачките е најголемиот предизвик. Според Ѓоко Стојановски, инструктор за возење, никако не смеете нагло да ја користите сопирачката.
– Нема прекумерно сопирање, туку сопирање со моторот во комбинација со мал притисок на педалот на ножната сопирачка. Сопирањето се врши постепено за да се избегне блокирање на тркалата. Ако тркалата се блокираат, возилото се лизга и се губи контрола. Тогаш треба да ја отпуштите сопирачката, потоа постепено да сопирате и истовремено да го сопирате моторот – префрлете го во помала брзина, односно менувачот во помала брзина – објаснува тој.
Сите операции што возачот треба да ги изврши на сув коловоз, тој вели дека стануваат неспоредливо потешки на снег.
– Најнепријатното изненадување што го доживува возачот при нагло сопирање на мраз, кашест снег и снег е слабото држење на гумите на патот. Коефициентот на атхезија помеѓу тркалото и асфалтот може да варира од 0 до 1. Кога патот е покриен со снег, тој не е повисок од 0,5, а на заледениот коловоз коефициентот на атхезија се движи помеѓу 0,1 и 0,01, т.е. многу е мал. За да се запре на таков пат или барем да се забави брзината на возилото, потребно е да се задржи каков било коефициент на атхезија, односно да се избегнува тој да се претвори во коефициент на лизгање. Основното правило што треба да се следи е дека никогаш не смеете силно да го притискате педалот на сопирачката, бидејќи во тој случај ќе го изгубите минималното триење помеѓу гумите и патот и возилото ќе продолжи да се движи по инерција. За да избегнете евентуално излетување од патот или удирање во пречка, прифатете ја техниката на мерно сопирање – притиснете и отпуштете го педалот на сопирачката нежно и кратко, обидувајќи се да го користите што помалку – потенцира тој.
Сепак, тоа не е единствениот начин за безбедно возење. Потребно е да балансирате со центарот на гравитација на возилото со пулсирање на тркалата. Така масата ќе се пренесе на предните тркала што е можно повеќе, па постои шанса возилото полесно да запре. Исто така можете да го свртите воланот лево и десно за, во екстремен случај, да предизвикате вртење на возилото и со тоа да го запрете.


Зимските услови крајно проблематични и за отклучување на возилата

Секој што вози автомобил во зима, кога температурата е под нулата, знае колку е мака да се отклучи автомобилот наутро, кога бравата е замрзната. Сепак, помеѓу народот постојат добропознати трикови за успешно и брзо да се одмрзне бравата.
Откако помина пандемијата, геловите за дезинфекција ни станаа секојдневие, па денес речиси секој човек носи еден со себе. Токму гелот за дезинфекција може да ви помогне брзо да го отворите возилото. Доколку ви замрзне бравата, истурете малку од гелот со алкохол на клучот, полека турнете го во бравата и почекајте десет секунди алкохолот од гелот да го стопи мразот во бравата. На тој начин, според оние што пробале, лесно ќе се отвори возилото. Ако клучот сè уште не реагира во замрзнатата брава, извадете го и повторно нанесете гел. Истиот ефект ќе го постигнете и со медицински алкохол, па ако автомобилот ви е блиску до дома, вратете се назад и земете алкохол и брзо ќе ја одмрзнете бравата.
Многу ефикасен метод е и загревање на клучот со запалка. Загрејте го малку делот од клучот што влегува во бравата. Кога ќе го ставите внатре, мразот брзо ќе се стопи, па лесно ќе можете да ја отклучите вратата.
Секако, првично треба да проверите дали се отвораат другите врати. Ако не можете да ја отклучите возачката врата, проверете дали можете да ги отклучите другите врати на автомобилот, вклучувајќи го и багажникот. Ако некои се помалку замрзнати, обидете се да ги отворите. Важен совет: кога ја отворате која било врата, при ниски температури, а констатирате дека вратата е замрзната и не се отвора, најпрво притиснете ја вратата навнатре, кон внатрешноста на возилото. На тој начин ќе се ослободи замрзнатата врата и лесно ќе се отвори. Притиснете со дланките (со ракавици) и ако забележите дека мразот се олабавил, вметнете го клучот и отклучете.


„Биди подготвен за безбедно патување во зима, користи зимска опрема“

Одделението за превенција при СВР-Скопје, во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), вчера на наплатната рампа „Петровец“ реализира превентивна активност под мотото „Биди подготвен за безбедно патување во зима, користи зимска опрема“.
Во рамките на активноста, како што информира МВР, од страна на полициски службеници на возачите им беа поделени едукативни летоци, изработени во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, со пораки за одговорно управување на возилата во зимски услови и во согласност со позитивната законска регулатива.
– Исто така, во непосредни разговори на возачите им беше укажано на правилата што треба да се почитуваат за безбедно управување со моторно возило, за задолжителното приспособување на брзината според условите на патот, задолжително носење заштитен појас, некористење мобилен телефон при возење, а особено беше потенцирано да не се вози под дејство на алкохол – соопшти МВР.