Денис Тот/Фото: Макфакс

На денешното, второ по ред, судење за убиството на ракометарот Денис Тот во судницата дојде неговиот татко Игор Тот. Тој беше испитан во својство на сведок, се приклучи на обвинението и најави отштетно побарување за кое најави дека дополнително ќе биде прецизирано.

Таткото на ракометарот пред судот изјави дека животот им застанал по настанот.

-Кога се случи настанот за нас животот застана. Ако сè беше во ред денес попладне ќе играше за Бутел или за Вардар. Ја обожаваше Македонија. Уживаше во Охрид. Сопругата не работи, а јас работам со намален интензитет. Постојано одиме на гробишта, по двапати на ден. Тешко функционираме и јас и сопругата и неговиот брат, кој игра во Холандија. Не ни е лесно, очекуваме да се дознае вистината, да видиме што е и како е. Да видиме дали обвинетите се виновни и ако се виновни соодветно да бидат казнети – рече Игор Тот, пренесува Макфакс.

На денешното судење адвокатите на одбраната кажаа дека не се согласуваат со правната квалификација за кривичното дело оти кај тројцата обвинети го нема елементот умисла и најавија дека во постапката ќе докажат дека ударите од осомничените не биле причина за смртта на Тот.
Тројцата осомничени изразија сочувство до семејството на Тот и кажаа дека немале намера да го сторат кривичното дело.

Во тек е сослушување сведоци предложени од одбраната.

Судењето за убиството на 27-годишниот хрватски ракометар Денис Тот, кој играше за РК „Бутел“, почна минатата недела кога осомничените Анџело Ѓорѓиевски, Клементина Лефковска, и Андреј Костовски првпат влегоа во судница.

Тројцата се изјаснија дека не чувствуваат вина.

Обвинителката Тања Трајчевска од Скопско јавно обвинителство во воведните зборови на првото судење рече дека тројцата осомничени заедно со ракометарот Тот во април годинава излегле од ноќен клуб и влегле во такси. По кратка расправија во таксито излегле, продолжиле да се расправаат и тројцата го нападнале ракометарот кој паднал и во бесознание бил однесен во Ургентниот центар, а таму починал како резултат на нагмечувања во пределот на главата.

Осомничените за убиството на Тот, 28-годишниот Анџело Ѓорѓиевски, 19-годишната Клементина Лефковска и 22-годишниот Андреј Костовски се во притвор од април.