„Овде нема да има уништување додека јас сум командант, а ако сепак бидам принуден да наредувам уништување, тогаш повеќе нема да бидам таму. Црногорците не можат да се борат и да уништат народ што ништо не им згрешил“, се зборовите втиснати на спомен-плочата откриена пред два дена на Вис, кои се цитирани од прошталното писмо на адмиралот Владимир Баровиќ од септември 1991 година

Спомен-плоча за адмиралот од Црна Гора што одби да ја бомбардира Хрватска

Во време додека воените барабани одекнуваат низ светот, а сеќавањата за крвавите настани што беа секојдневие во регионот сѐ уште се свежи, еден несекојдневен потег, би рекле витешки чин од пред 31 година, и ден-денес со пиетет се спомнува во хрватската јавност. Станува збор за херојскиот потег на адмиралот Владимир Баровиќ, кој се самоуби одбивајќи ја наредбата на воениот врв на поранешна ЈНА да го бомбардира хрватското крајбрежје.
Во негова чест, пред два дена во градот Вис на истоимениот остров, хрватски и црногорски министри заеднички открија спомен плоча на Црногорецот Владимир Баровиќ. Тоа е адмиралот на поранешна ЈНА, кој таму се самоуби на 29 септември 1991 година, одбивајќи ги наредбите од врвот на ЈНА за морнарицата да ги бомбардира крајбрежните градови во Хрватска.
„Овде нема да има уништување додека јас сум командант, а ако сепак бидам принуден да наредувам уништување, тогаш повеќе нема да бидам таму. Црногорците не можат да се борат и да уништат народ што ништо не им згрешил“, се зборовите втиснати на спомен-плочата, кои се цитирани од прошталното писмо на Баровиќ од септември 1991 година.
Во знак на сеќавање и почит, плочата ја подигнаа Министерството за надворешни и европски работи и Министерството за одбрана на Република Хрватска и градот Вис. На откривањето на спомен-плочата присуствуваа министрите за надворешни работи на Хрватска и на Црна Гора, Гордан Грлиќ Радман и Ранко Кривокапиќ, министрите за одбрана на двете земји, Марио Баножиќ и Рашко Коњевиќ, и градоначалникот на Вис, Иво Радица.
Министерот Грлиќ Радман во своето обраќање ја истакна важноста од негувањето на културата на меморијата.
– Неговите зборови напишани на плочата што ја откриваме денеска отвораат многу прашања во нас и ги доведуваат во прашање основните принципи што сите треба да ги негуваме еден кон друг, народ кон народ, човек кон човек. Ги чувствуваме обврската и должноста токму овде во градот Вис да му поставиме споменик како благодарност и спомен, но и како факт дека и во најтешкиот вител на војната, еден човек ја ставил својата чест пред своите наредби и попрво си го одзел животот отколку да ги уништи далматинските градови и хрватскиот народ – рече министерот Грлиќ Радман.

Претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, во мај 2016 година, постхумно го одликуваше поранешниот адмирал на ЈНА, Владимир Баровиќ, со Орден на честа.
Одлуката на Баровиќ го инспирирала црногорскиот писател Момир М. Марковиќ во 1996 година да напише:
„Единствениот куршум испукан во оваа војна, со кој Црна Гора може да се гордее, е адмиралот Владимир Баровиќ. Неговото црногорско чувство за чест не му дозволи да издаде наредба до флотата да бомбардира крајбрежни градови и населби во Далмација, кога тој му беше наредено тоа“.
Владимир Баровиќ е роден во 1939 година во Бања Лука. Кон крајот на 1980-тите служел во Риека, а во 1991 година почетокот на војната во Хрватска го затекна како командант на Петтиот воено-поморски сектор во Пула. Додека беше во Пула, беше учесник во преговорите за независноста на ЈНА од тој град, а остана запаметен по изјавата: „Додека јас сум командант овде нема да има уништување“.
Под маската на унапредување на местото заменик-командант на Воено-поморскиот регион бил преместен во Вис, кој во тоа време ЈНА сѐ уште не го напуштила. Во знак на длабоко несогласување со инструментализацијата на ЈНА во војната во Хрватска од страна на режимот на Милошевиќ, тој се самоуби на 52-годишна возраст.

Ангел Митревски, специјално за „Нова Македонија“ од Хрватска