Работодавецот не презел соодветни мерки во согласност со прописите од областа на безбедноста и здравјето при работа во случајот со работниците во фармата кај селото Амзабегово, Свети Николе, утврдиле инспекторите откако во несреќа во понеделникот едно лице загина, а уште еден работник доби повреди.
До несреќата дошло на локација – шахта од отворен тип, која се наоѓа на отворен простор до лагуната и до халата 1 во состав на фармата и е дел од системот за добивање и пренос на течно ѓубриво за земјоделски потреби. Државниот инспекторат за труд утврдил неправилности кај фармата во Амзабегово каде што од труење од хемиска супстанца почина 45-годишен работник, а неговиот 53-годишен колега, кој притрчал да му помогне е со оштетување на мозокот.
Министерството за труд и социјална политика објави дека државните инспектори за труд извршија вонредни инспекциски надзори и утврдија дека не се преземени соодветни мерки во согласност со прописите од областа на безбедноста и здравјети при работа.
– Работодаваецот дозволил пристап на ангажираните работници О.Т. и С.Ј. на своите работни места на кои биле изложени на сериозни и специфични опасности, а притоа не добиле посебни упатства за работа, во работниот простор не биле поставени знаци за опасност, предупредување и знаци за задолжително однесување. Работодавецот не изготвил и не спровел изјава за безбедност со спроведување постапка за процена на ризикот на работното место помошник-мајстор, на кое работел сега починатиот работник О.Т., и на работното место општ работник, на кое работел повредениот работник С.Ј. Работодавецот не обезбедил соодветна обука од областа на безбедноста и здравјето при работа врз основа на програма за специфичноста на работните места помошник-мајстор и општ работник. Работодавецот не обезбедил соодветна лична заштитна опрема за двајцата повредени работници – утврдиле инспекторите.
Врз основа на утврдената фактичка состојба, од страна на државните инспектори за труд ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство за понатамошно постапување.
Министерството изрази сочувство до семејството.