Демаскирање на криминалните организации што врбуваат работници за работа во странство

Најголем број од жртвите се деца, потоа мигранти тинејџери, односно постари малолетници, па и нешто повозрасни, неискусни и наивни млади што се во потрага по подобро утре и подобри примања за да можат да си ги прехранат роднините и фамилиите. Како стопански сектори во кои појавите на трудова експлоатација се најчести, експертите ги наведуваат текстилната индустрија, земјоделството, градежништвото, трговијата…

Повеќе од 100 учесници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од други земји и меѓународни организации се собраа на дводневната конференција „Борбата против трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација во Европа: стандарди, реалност и нови акциони стратегии“, со намера да се разгледаат стратегии за борба против трговијата со луѓе со цел експлоатација, кривично дело што погодува сè поголем број жени, мажи и деца, и транснационално и внатрешно во поединечни земји.

ДВОЈНО ЗГОЛЕМЕНА ТРУДОВАТА ЕКСПЛОАТАЦИЈА

На конференцијата едногласно беше донесен заклучок дека сиромаштијата, невработеноста, растечката сива економија, неплаќањето даноци и ниските плати се само дел од факторите што придонесуваат за раст на овој организиран бизнис. Дополнително, компаниите се тие што играат значајна улога во препознавањето и на оние што нудат таква работа, но и на оние што се подготвени да ја прифатат, бидејќи воопшто не се свесни со какви ризици се соочуваат.

Според Дајан Шмит, координаторка на Европската Унија за борба против трговијата со луѓе, трудовата експлоатација е втората водечка форма на експлоатација во Европската Унија и дека речиси 30 отсто од регистрираните жртви биле тргувани со цел трудова експлоатација.

Според анализите, во Финска, Белгија, Португалија, Обединетото Кралство и во Украина, повеќе од 30 проценти од работниците се експлоатирани преку работа. Само во Молдавија, во 2019-2020 година, експлоатацијата е двојно зголемена од 29 на 66 проценти. Обично, криминалните организации целат на жените, а многу тешко се откриваат овие случаи, бидејќи жртвите често се држат затворени во куќи дури и на дипломати. Честопати жртвите можат да бидат сексуално експлоатирани, а исплашени од реваншизам најчесто не пријавуваат.

Како што истакнаа многубројните говорници на конференцијата, најголем број од жртвите се деца, мигранти, оние што се во потрага по подобро утре и подобри примања за да можат да си ги прехранат фамилиите. Како најзагрозени сектори беа наведени текстилната индустрија, земјоделството, градежништвото, трговијата….
– Факт е дека трговијата со луѓе е најсуровиот пример во светот за тоа дека постои организиран криминал, зад кој стојат луѓе што постапуваат кон другите луѓе како кон предмети, како ропството никогаш да не било укинато на оваа планета – истакна Гордана Комиќ, министерка за човекови права и права на малцинствата и социјален дијалог во Србија.

Според неа, борбата против трговијата со луѓе започнува уште од купувањето бебиња затоа што некоја двојка нема свое потомство, или кога се купува кое било човечко суштество за работа, сексуална експлоатација или, пак, купувањето невести, што претставува еден вид ритуал во многу култури. Сето тоа води кон делумно оправдување на оние што вистински купуваат невести.
За Комиќ, трговијата со работници е одличен бизнис за криминалните организации, луѓето се евтини, профитот е голем и сосема е јасно зошто го работат овој црн бизнис.

КОЛКУ ЕВИДЕНТИРАНИ СЛУЧАИ ИМА ВО ЗЕМЈАВА

Иако бројот на идентификувани случаи во Босна и Херцеговина, Македонија и во Србија е мал, во пракса опсегот на трговија со луѓе со цел трудова експлоатација е многу поширок и многу случаи остануваат непријавени. Во Босна и Херцеговина се идентификувани само осум потенцијални жртви во периодот 2017-2021 година. Во периодот од 2017 до 2020 година, во нашата земја биле идентификувани само три жртви, а во 2021 година од Тајван биле откриени уште 39. Во петгодишниот период, бројот на идентификувани жртви е најголем во Србија, вкупно 41, од кои повеќето се српски државјани и покрај зголеменото присуство на печалбари во земјата.

На конференцијата беа претставени нови студии за трговијата со луѓе во сите три земји. Студиите ги испитуваат факторите на ризик што придонесуваат за трговија со луѓе за трудова експлоатација, кои вклучуваат невработеност, етничка дискриминација, значајна неформална економија и масовно пристигнување на мигранти и бегалци. Предлозите за акција содржани во студиите треба да ги водат националните власти во усвојувањето нови превентивни стратегии.

На конференцијата говореа и поранешни жртви на трговија со луѓе заради трудова експлоатација и подносители на тужба пред Европскиот суд што ја тужеа државата Азербејџан, токму како жртви на криминални организации, за кои работеле во областа градежништво, затворени во супстандардни услови, без навремени плати и психички терор. Тие го споделија своето трауматично искуство од Азербејџан и чекорите што ги презеле во потрагата по правда.

Конференцијата беше организирана како дел од акциите за соработка за спречување и сузбивање на трговијата со луѓе во Босна и Херцеговина, Северна Македонија и во Србија, како дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа, „Хоризонтален фонд за Западен Балкан и Турција 2019 – 2022 година“.


Сведоштво на жртва на трудова експлоатација: Тоа го обележа мојот живот засекогаш

Сеудин Золетиќ, од босанскиот град Живинице, е една од многубројните жртви на трудова експлоатација. Во битката за подобар живот, печалбата за него добива сосема нова димензија, откако летото во 2009 година прифатил да работи на градилиште во главниот град на Азербејџан, Баку. Како што раскажува, луѓето што му понудиле работа му понудиле подобра плата, одлични услови и пристојно сместување.
Золетиќ е еден од над 700-те луѓе од работничката класа од Босна и Херцеговина, Србија и од Македонија што барале подобра работа за подобар живот за себе и своето семејства. Помеѓу 2006 и 2009 година, тие изградиле некои од највпечатливите згради во Баку, вклучувајќи ги и грандиозниот простор за настани наречен „Палата Бута“ и огромен изложбен центар. Најмалку три од скапите проекти биле финансирани од Владата.

Меѓутоа, по пристигнувањето таму, веќе било доцна. Работниците, вклучувајќи го и него, биле третирани како робови. Заедно со стотици други, Золетиќ живеел во тесни и мали соби, со воопшто или малку храна, работејќи напорни, 12-часовни денови. Одземен му бил пасошот, а некои од работниците биле претепани. Еден починал во рацете на Золетиќ, а ветените убави плати биле само сон. Наместо добро да бидат платени, тие или не добивале ништо, или добивале многу малку пари за трудот.
– Никогаш не замислував дека животот може да биде толку суров, да се нанесе таква неправда, такво зло на луѓето. И тоа во 21 век – изјави тој во едно од многубројните интервјуа за медиумите, откако го обелодени случајот во јавноста.

Притоа до детали раскажа дека речиси веднаш штом слетал во Азербејџан, Золетиќ видел дека неговата судбина повеќе не е во негови раце. Откако ја поминал пасошката контрола и добил едномесечна туристичка виза, заедно со другите работници, бил пречекан од двајца мажи што тој ги опишува како „босови“. Им ги побарале и пасошите и бидејќи немал многу голем избор, им го предал пасошот. Со минибус бил однесен во куќа оградена со четириметарски ѕидови и огромна врата. Во куќата веќе живееле стотина мажи.
– Немаше повеќе простор за нас. Не беа тоа соби за шестмина, па дури беа тесни и за двајца – раскажува тој.
Креветите им биле поставени во ходници и буквално каде што имало малку слободен простор.
– Бевме во навистина тешка ситуација. Без пари. Без храна. Без ништо – се присетува тој.
Тој се обидел да најде правда во Азербејџан, но бидејќи државата не ги сослушала нивните сведоштва, одлучил правдата да ја бара пред Европскиот суд за човекови права, каде што заедно со уште неколкумина ја тужат државата Азербејџан и конечно го добиваат случајот. Со пресудата, добија по пет илјади евра обесштетување од Азербејџан.