Обвинителството постапува во овој случај и дежурен обвинител има излезено на лице место, има дадено одредени насоки во однос на криминалистичко прибирање на доказен материјал и негово обработување, но фазата на откривање е во целост на органите на откривање, во овој случај МВР, изјави претседателот на Основното јавно обвинителство – Скопје, Гаврил Бубевски, за случајот со двојното убиство на Кале.
Одговарајќи на новинарско прашање до каде е истрагата, Бубевски рече дека согласно законот за кривична постапка за вакви дела, прв орган што се известува е МВР, а веднаш потоа и Обвинителството.
– Координацијата на сето тоа ја прави јавен обвинител, меѓутоа откривачката функција и начинот на кој ќе дојдат до одредена трага, сознание и сето тоа, сепак е криминалистичка работа, за која полицијата има повеќе познавање и знаење – изјави Бубевски.
Она што се очекува од јавниот обвинител е дадено, посочи Бубевски, нагласувајќи дека тоа е се што може да каже во овој момент.
Прашан до каде се истрагите за претходните мафијашки пресметки и убиства, како таа на Рузвелтова, Бубевски, рече дека сите нерасчистени убиства не се затворени предмети и за нив се прибира доказен материјал.
– Некои се споредуваат, дали се појавуваат исти работи на различни места. Сѐ уште ова е фаза на постапка, каде не можам да кажам дали ќе има конкретен завршеток за одреден од нив – изјави Бубевски.