Фото: МИА

Адвокатите на оштетените во судскиот случај „Ласкраци“ реагираат на изјавите по испитувањето на вештите лица, односно на дел од тимот што го изготвил машинското вештачење.

Адвокатот Владимир Николовски во изјава за медиумите истакна дека според него пропаднал обидот на супервештаците целата вина да се префрли само на шестообвинетиот, на возачот, а сите други кумулативни пропусти на останатите да се занемарат. Тој смета дека разликата во машинското вештачење и во супервештачењето е само заклучокот, другото е сè исто.

– Тие кажуваат дека ги користеле сите тие наоди од машинското вештачење изготвено на Машинскиот факултет, единствено се разликува во заклучокот, инаку другото е сè исто. Одговорноста е само на шоферот, не е на другите пропусти, тоа е очигледно да се пренесе вината само на возачот. Јас имам увид и во машинското вештачење и во ова супервештачење. Сметам дека само наодот е ист, а заклучоците се различни. Жалам зошто се соочуваме кога претставник на тимот кој го изготвил супервештачењето кој е со највисок ранг на титула доктор на науки скоро на секое прашање поставено од обвинителот одговара со „не знам“, „не се сеќавам“, „не можам да го утврдам“, „не го разбирам прашањето“ и поради тоа сметам дека пропадна обидот на овие супервештаци целата вина да се пренесе само на шестообвинетиот – на возачот, а сите други кумулативни пропусти на другите обвинети да се занемараат. На прости прашања што се однесуваа на тие машински вештачења досега немаше конкретен одговор на ниедно прашање – рече Николовски.

Благојче Трпески, татко на еден од починатите, рече дека лицето што сведочи, што е на испитување, не ги знае основните работи за основните карактеристики на автобусот, како дошло до несреќата, кои доказни материјали ги зеле, така што, како што вели, од авион се гледа дека ова е нарачано супервештачење и дека нема ништо спорно меѓу вештачењето направено претходно на Обвинителството и на одбраната.

Тој упати молба до судијката на случајот како родители, како оштетени да ги сослуша сите релевантни докази и факти што се приложени од супервештачењето и дека ова нема врска со што го има понудено супервештачењето.

– Значи, оваа фарса треба да заврши, бидејќи ако судот веќе го нарача супервештачењето, тоа значи дека супервештаците треба да бидат по знаење и по сите релевантни фактори да ги соочат фактите од вештачењата на обвинителот, на одбраната и да донесат заклучок каде е вината и што е вината. Сведоци сте, присутни сте на второто судење, д-р на науки на најосновни прашања на обвинителот, еве ќе посочам и едно од тие на претходнот рочиште го прашува супервештакот каков систем на кочење имал дотичниот автобус. Може да замислите супервештачење, дотичното вешто лице да не знае каков систем на кочење има дотичниот автобус, дали имал хидрауличен, автоматски или воздушен. Значи, на секое прашање на обвинителот ги листа страните од тоа супервештачење, тоа се 50-60 страници, повеќе се слики и заклучокот се сведува на неколку страни. Тоа покажува дека ова нарачано супервештачење од страна на судот, а посебно на одбраната паднаа маските и луѓето што ја направија оваа вина – 16 загинати и седум тешко повредени мора да сфатат и јавноста и судот, посебно судот. Гледате и судијката што го води овој процес дозволува буквално се што ќе побара одбраната, односно бранителите на обвинетите со приговори, не дозволуваат обвинителот да постави едно прашање на одговор. Сведоци сме уште еднаш дека ова прераснува во Монти пајтон циркус. Судијата дозволува да судењето оди во погрешна насока. Замолуваме уште еднаш како родители, како оштетени да ги сослуша сите релевантни докази и факти што се приложени од супер вештачењето иако дека ова нема врска со што го има понудено супер вештачењето – рече тој.

Тој изјави дека целта беше на супер вештачењето да ги спротивстават меѓу вештачењето на обвинителството и вештачењето на одбраната.

Вештиот наод од Бирото за вештачење, нарачан од Судот пристигна кон крајот на декември изминатата година и истиот им беше доставен на обвинителот и обвинетите преку нивните бранители.

Претходно, судот донесе решение, по дадена согласност на сите странки, поради економичност и целисходност на постапка, сите досега изведени докази да се прочитаат и постапката да продолжи со увид во супервештачењата.

Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, а Техничкиот факултет во Битола, своевремено, дополнително извести и дека го вратиле предметот бидејќи нивните лиценцирани вештаци за машинство се стручни само за енергетика и не можат да вештачат моторни возила. Од Кривичен, потоа, информираа дека контактирале со Универзитетот во Штип и Машинскиот факултет во Скопје, од каде што биле известени дека тие немаат доволно лиценцирани вешти лица за сообраќајни возила кои не учествувале во претходните вештачења. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година, а во која загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени, се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Судскиот процес за несреќата што започна во септември 2019 година го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител, Дарко Јакимовски. Судењето продолжува по паузата.