Заблуда е дека силувањето се случува поради неконтролиран сексуален нагон на силувачот. Вистината е дека силувањето е чин на насилство, докажување моќ и контрола, а не сексуален чин. Целта на силувачот е да ја понижи жената и целосно да ѝ ја одземе личната моќ. Силувањата најчесто се планирани и извршени од страна на интимни пријатели, познаници, членови на семејството или непознати, кога за тоа ќе се укаже можност

НЕКОЛКУ ЗАБЛУДИ ПОВРЗАНИ СО КРИВИЧНОТО ДЕЛО „СИЛУВАЊЕ“’

Иако можеби убивањето изгледа како едно од најбрутални дела што еден човек може да го направи, сепак, има уште едно кривично дело што е исто брутално, нечовечно и садистичко, а кое во последно време е во значителен пораст насекаде низ светот.
Со оглед на тоа што бројката на силувања е сѐ поголема, светската криминалистичка наука анализирала голем број случаи на силување за да одговори на најчестите дилеми и факти за силувањето. Но, без дилема, силувањето е насилство и тешко кривично дело од најгрозен вид, а криминалистичката практика покажува дека тоа се извршува врз жени, деца и мажи или, пак, стари, болни и снеможени лица.

ИСТРАЖУВАЊАТА И НАУКАТА: ЗА СИЛУВАЊЕТО…

Светската криминолошка наука што се занимава со оваа проблематика има објавено голем број истражувања и психолошки анализи на оние што го извршуваат ова криминално дело.
Заблуда е дека силувањето се случува поради неконтролиран сексуален нагон на силувачот. Вистината е дека силувањето е чин на насилство, докажување моќ и контрола, а не сексуален чин. Целта на силувачот е да ја понижи жената и целосно да ѝ ја одземе личната моќ. Силувањата најчесто се планирани и извршени од страна на интимни пријатели, познаници, членови на семејството или непознати, кога за тоа ќе се укаже можност.
Една од познатите реченици во земјава кога ќе се случи чин на силување е дека „жртвата сама си го барала и затоа и си го добила, поради нејзиното провокативно облекување, поради тоа што била во алкохолизирана состојба“ и слично. Тоа е една од најголемите заблуди во ваквите случаи.
Факт е дека никој не сака да биде сексуално малтретиран, повреден или понижен. Лица од сите старосни години, од сите општествени позиции биле цел на сексуално малтретирање. Дури 90 проценти од сите случаи на силување биле претходно испланирани. Напаѓачот честопати носи со себе оружје и ѝ се заканува со смрт на жртвата доколку таа се противи.
Истражувањата покажуваат дека најголемиот број силувачи се всушност познаници на жртвите. Сосед, пријател, познаник, колега, пријател од училиште, сопруг, партнер или поранешен партнер се најчестите силувачи. Според статистиката, непознати силувачи се јавуваат во едно од пет силувања. Приближно 28 проценти од жртвите се силувани од страна на сопрузите и партнерите, 35 проценти од страна на познаници, а пет проценти од страна на други блиски личности.
Најголемиот број силувања не се случуваат во темни паркови и мрачни улици среде ноќ, токму напротив. Мнозинството случаи, односно дури 60 проценти се случуваат во познат простор за жртвата, нејзиниот или домот на силувачот. Силувањата се случуваат и дење и ноќе.
Силувачите воопшто не се ментално нарушени личности, не се болни и, според истражувачите, „мит е тоа дека тие не можат да го исконтролираат својот сексуален нагон“.
Истражувањата покажуваат дека не постои „типичен“ профил на силувач. Мажите што се јавуваат како извршители на ова кривично дело им припаѓаат на сите социоекономски класи, нации и раси. Честопати станува збор за угледни, богати и моќни лица, а не маргинализирани лица, како што многумина знаат да посочат. Силувачите ретко кога се зависници од алкохол, бездомници, психички болни лица. Тие не можат да се препознаат по специфично однесување. Многу е мала бројката на силувачи со ментална неспособност. Само два процента од мажите обвинети за силување биле психијатриски лекувани случаи.

ТРАГЕДИЈАТА НА ЖРТВИТЕ НА СИЛУВАЊЕТО

Најтешко за жртвите е по силувањето да продолжат со својот нормален живот. За жал, жените жртви на силување многу ретко ги пријавуваат таквите злосторства, а тоа не е за да ја задржат својата репутација, туку поради тоа што се чувствуваат виновно и од страв повторно да не бидат силувани и уценувани.
Се претпоставува дека само 26 проценти од сите силувања или обиди за силувања се пријавуваат во полиција. Во различни средини различни се и искуствата. Едно истражување, направено на 12.300 жени во Канада, покажало дека се пријавува само еден од 20 случаи на силување. Бројот на лажни пријави за силување не е поголем од бројот на другите лажно пријавени кривични дела и тој изнесува два процента.
Алкохолот е уште една причина што се користи како оправдување за силување. Сепак, тој е моќно средство што го користи силувачот во обид да ја контролира жртвата. Како дел од својот план, силувачот ја охрабрува жртвата да пие за да му биде полесно да го изврши криминалното дело. Алкохолот никогаш не е причина за силување, тој е само едно од многуте оружја што силувачите ги користат за да силуваат. Од мажите што го признале ова криминално дело, дури 75 проценти рекле дека понекогаш ги опијануваат жртвите за да ја зголемат можноста за сексуален однос.
Можеби еден од најголемите митови за силувањето е она силување што се случува во бракот, а каде што жената воопшто не се бунтувала против сексуалниот акт. Вистината е дека напаѓачите не сакаат борба. Тие употребуваат разни облици на принуда, закани и манипулации за да силуваат. Во 87 проценти од случаите на силување била вклучена закана по животот на жртвата, а во 50 проценти закана со оружје. Д.Т.