Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе постапка против шест деца во врска со настанот со злоупотребени фотографии на малолетни девојчиња од страна на деветтоодделенци во Кавадарци.
– Основното јавно обвинителство Кавадарци до надлежниот суд поднесе барање за поведување подготвителна постапка против шест деца во судир со законот за кои постои сомнение дека сториле продолжено кривично дело кое е санкционирано како – Злоупотреба на лични податоци од член 149 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик – соопштија денеска од Обвинителството.
Како што се наведува, малолетниците, сите ученици во деветто одделение во основно училиште, како соизвршители, неовластено преземале приватни фотографии од нивни соученички, ги монтирале и меѓусебно ги споделувале со врсници, со цел да ги навредат и исмеваат и да нанесат штета на угледот на оштетените.
На 29 јануари годинава, Обвинителството доби вештачење за настанот со злоупотребени фотографии на малолетни девојчиња од страна на деветтоодделенци во Кавадарци. Вештачењето било во врска со монтажите.
ОЈО Кавадарци на 25 октомври, минатата година оформи предмет за настанот. Тогаш, полицијата во Кавадарци до Основното јавно обвинителство Кавадарци достави известување против непознати лица.
На 13 октомври шест малолетници од основно училиште се пријавени во кавадаречката полиција дека злоупотребиле фотографии од малолетни девојчиња. Во ОВР Кавадарци, заедно со нивните родители, како што соопштија од полицијата, беа повикани шест малолетници од Кавадарци и со нив бил извршен службен разговор во врска со претходна пријава од родители дека биле злоупотребени лични податоци, односно фотографии од нивните малолетни ќерки. Според пријавеното, фотографии биле преземени од социјални мрежи и на нив биле измонтирани фотографии со недолична содржина. Настанот се случил надвор од училиштето.