МНР ги чека деталите за инцидентите за соодветна реакција
Искршените стакла на оштетени автомобили со македонски регистарски таблички ги вознемирија македонските туристи во Калитеа и Афитос на грчкиот полуостров Халкидики во изминатите два дена. За немилите настани првично се дозна преку социјалните мрежи, при што на фејсбук-страницата „Грција во живо“ наменета за српските туристи беа објавени фотографии од оштетените автомобили, а вандализмот наиде на осуда во коментарите. Истовремено, се упатуваат и совети како да постапат оштетените.
Македонската Амбасада во Атина и Генералниот конзулат во Солун стапиле во контакт со надлежните грчки институции по добиените наводи за инцидентите, по што е добиена потврда дека во полиција се пријавени шест оштетени возила со искршени стакла. МНР го чека официјалното известување со детали за случајот за да направи проценка за соодветна реакција.
– Информираме дека по добиените наводи за инцидентите со оштетените возила во Република Грција, Амбасадата во Атина и Генералниот конзулат во Солун веднаш стапија во контакт со надлежните институции и органи. Според првичните разговори, добиена е потврда од надлежната полициска станица во Касандра за вкупно шест пријавени оштетени возила со регистарски таблички на возила од Северна Македонија. Во принцип, се работи за искршени стакла на возилата. Нашите дипломатски конзуларни претставништва во Грција се во очекување на официјалнo известување, вклучувајќи и детали за случајот, по што Министерството ќе процени за соодветна реакција – истакнуваат од МНР за „Нова Македонија“.
Последните инциденти потсетија на слични вандалски чинови кои се случија во Калитеа пред три години. Тогаш македонски државјанин реагираше до „Нова Македонија“ бидејќи неговиот автомобил бил излепен со налепници со погрдни содржини на истото место на Халкидики. На налепниците пишувало „Вие не сте Македонци. Вие сте Словени = Вардарска. Македонија е грчка“. На друга налепница, пак, имало насликано мајмун врз македонското знаме со натпис „Манкидонија“. Тој додаде дека пред неколку години биле оштетени возилата на негови пријатели на Халкидики, кога нашле гребаници на бојата.
Од Министерството за внатрешни работи досега посочуваа дека ваквите инциденти најпрво треба да се пријават во грчката полиција, а потоа и на македонската гранична полиција при влез во државата. Меѓу бројните коментари на социјалните мрежи беа упатени и препораки да се бараат снимки од безбедносните камери за да бидат откриени сторителите. М.Ж.