Фото: Емил Јовановиќ

Синоќешната тепачка во угостителски објект во Охрид, во која тројца напаѓачи му ја скршиле вилицата на Х.П. , секретар на бугарскиот клуб „Борис Трети“, а за која бугарското МНР кажа дека ќе поднесе протестна нота до нашата амбасада во Софија, по сè изгледа е дилерско-криминална пресметка. Во архивата на МВР, тепаниот Х.П. се појавува како лице со кривична пријава, откако охридската полиција на 17 декември нашла кај него кокаин, пишува порталот „Сакам да кажам“. Оние кои му ја скршиле вилицата се пријавувани за нарушување на јавниот ред и мир, во повеќе наврати.

„СВР Охрид поднесе кривична пријава против Х.П.(22) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ‘неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори’. Полициските службеници кај него пронашле и одзеле кокаин“, стои во соопштението на СВР Охрид тој ден.

„Според очевидци во угостителскиот објект, синоќа околу 22.30 часот во угостителскиот објект најпрво се случил вербален конфликт. Веднаш штом влегле тројцата во локалот, Х.П. почнал да ги пцуе и навредува, по што овие го извадиле надвор, го натепале. Ни збор не се кажал за политика, за бугарски, за македонски идентитет, за јазик или говор на омраза на таа тема“, наведува порталот.