Сите со душа го чекаат летото да заминат на своите годишни одмори, но и да доживеат некоја авантура што ќе им го покачи нивото на адреналин. Сепак, колку и да звучат романтично, одењето на плажа, прошетките покрај море или езеро, сите тие летни авантури носат и низа опасности за кои луѓето мора да бидат свесни. „Нова Македонија“, пренесувајќи само неколку неодамнешни несреќни случаи, укажува што сѐ може да ни се случи на одморот, доколку не сме доволно внимателни и подготвени дека и најубавиот момент може да се претвори во животозагрозувачка ситуација.

Непознат терен, МОРСКА СТРУЈА или ненадејна „олуја“

Изминативе денови целокупната македонска јавност беше вознемирена и фокусирана на случајот со тројцата македонски туристи, кои славејќи семеен настан на познатата плажа Мити во Посиди на Халкидики станале жртви на силниот ветер и големите бранови. Тројцата биле однесени од силните морски струи, а покрај невремето веќе почнало и да се стемнува, така што многумина веќе почнаа да помислуваат на најлошото. Најмладиот од нив, 25-годишно момче, бил пронајден со помош на сурфер, кој успеал навреме да ги повика спасителите, давајќи ја точната локација за извлекување. На огромно изненадување на јавноста, се разбира позитивно, завчера беше спасен и вториот од групата, 30-годишниот Иван. Тој бил лоциран во утринските часови од хеликоптер на военото воздухопловство, во морската област околу 15 наутички милји западно од Посиди. Првично бил преземен од танкер, а потоа префрлен на патролен чамец на крајбрежната служба и пренесен на пристаништето во Неа Скиони. Успеал да преживее 18 часа во морето, благодарение на топка што брановите му ја донеле, а која му помогнала да се одмора и да се одржува во водата. По третиот македонски турист, полицијата сѐ уште трага.
Според пишувањето на грчките медиуми, тие влегле да се капат во многу опасен дел од морето, место каде што локалните жители никогаш не одат на капење, бидејќи токму таму се спојуваат морските струи и тоа е многу опасно. Сега, откако се случи сето ова, општината Касандра најавува дека во следниот период ќе ги започне неопходните работи за да може веднаш да се постават табли за предупредување на туристите за брзаците што постојат на локацијата, за во иднина да не се повторат идентични инциденти. Оттаму објаснуваат дека во минатото, културното друштво „Касандра“ поставило табли на самото место, но, за несреќа, истите тие некој ги отстранил.
И додека македонската јавност со нетрпение ги очекува вестите за спасувањето на третото момче, од Грција доаѓа уште една објава дека е исчезнато момче на плажата Милос на Лефкада.
„Тажен залез на сонцето на плажата Милос… Во водата исчезна момче од околу 25 години, просто само исчезна, а брановите воопшто не беа големи. Како да го проголта морето, потрагата на плажата траеше цело попладне заедно со полицијата и нуркачка спасувачка служба, но на крајот на денот ништо… ако некој има информации нека напише, П.С. струјата беше малку посилна отколку претходните денови“, пишува во објавата на фејсбук-групата „Грчка инфо“.

НАМЕСТО ЕДРЕЊЕ, ГОЛЕМ БРОЈ ПРОБЛЕМИ СО ЕДРИЛИЦАТА НА ОТВОРЕНО МОРЕ

Летниот одмор многу лесно може да се претвори во кошмар. Наместо одмор, шестмина туристи, од кои двајца од Србија и четворица од Македонија, доживеале вистинска драма што може да се види само на филм.
Двајца државјани на Србија, татко и син, изнајмиле едрилица од туристичка агенција од Атина, за да заминат на едрење со четворица роднини од Скопје. Наместо убави спомени, тие речиси седум дена преживувале агонија. Откако ја изнајмиле едрилицата, заминале на едрење од местото Лаврион. Кога тргнале кон Тинос ги зафатило застрашувачко невреме, со огромни бранови од десетина метри и силен ветер. Како што изјавија за српските медиуми, им пукнало едрото, ГПС-навигацијата им се расипала, а и светлото не им работело.
– За жал, агенцијата ни изнајми неисправен брод, па вистинско чудо е како воопшто останавме живи. Не можам да ви опишам колку е страшно кога гледаш светло на копното, а не можеш да дојдеш до него. Некои од патниците беа првпат на брод, па поради големите бранови, повраќаа и беа под голем стрес. Над нас летаа хеликоптери, пристигнуваа сигнали за помош, но не можеа да ни помогнат. Ветерот беше со јачина од девет до 10 бофори – истакна еден од патниците за медиумот.
Една од македонските туристки таму, во изјавата за „Нова Македонија“, истакна дека за првпат доживеала такво нешто.
– Дожд немаше, меѓутоа ветерот беше застрашувачки. Со едрилицата како да влеговме во Бермудски триаголник, кружевме, се боревме да излеземе кон брегот. Во еден момент, едрилицата се навали за 90 степени, навистина беше страшно. Во тој момент илјада мисли ти кружат низ главата. Дали ќе преживееш, што ќе се случи… – вели А. Т, која е една од патничките на едрилицата.
Како што сведочат, дури 12 часа се бореле да пристигнат до местото Тинос, а кога пристигнале до местото, им се расипала и навигацијата.
– Заринкавме со бродот, само тоа ни преостануваше како опција. Повикавме и полиција, ги известивме надлежните. Агенцијата од каде што ја изнајмивме едрилицата, наместо да ни помогне, ни побара од три до десет илјади евра за да нѐ извлечат. За среќа, на помош ни дојде локалното население – сведочат тие.
На несреќите што им се случувале една по друга, како да им немало крај. Моторот што го крева и спушта сидрото им се откачил и излетал, па за влакно избегнале посериозна несреќа по физичкото здравје на патниците.
Имале искусен капетан, но сепак, тоа не било доволно да се избегнат несреќните околности. Навигацијата последен пат била обновена пред осум години, а кога ги удирале брановите, таа се рестартирала, се палела и гасела и воопшто не работела.
Оставени сами на себе, со расипан брод, без сила и енергија, патниците ја информирале и агенцијата, која, наместо да им помогне или да се извини за непријатностите им барала и повеќе парични средства.
За среќа, оваа трагична приказна завршува со среќен крај, никој од патниците не е повреден и сите се живи и здрави. Можело да биде и уште полошо, да завршат во вода, да се удават и никој да не успее да им влезе во трага. Туристите го оставиле бродот, за кој ќе се погрижи туристичката агенција. Меѓутоа, сигурно и за тоа ќе им биде наплатено.

ОТВОРАЊЕ ЧЕТИРИ ОЧИ

Многубројни се опасностите што можат да се случат при вакви ситуации и токму затоа туристите треба добро да внимаваат од кои туристички агенции изнајмуваат соби, апартмани, возила и бродови. Добро да ги читаат договорите, за да не завршат во неповолна ситуација, која, освен што ќе им ги потроши финансиските средства, може да ги чини и живот.
Не е првпат да се случуваат непријатности со туристички агенции. Измамени туристи со уплатени аранжмани оставени на цедило, изнајмени украдени возила, оштетени едрилици се само мал дел од непријатностите што за миг од убавиот одмор, можат да направат пекол.
Токму затоа летните авантури треба добро да се промислат. Претпазливоста треба да биде на највисоко ниво, бидејќи случаите опишани погоре можат да му се случат секому, особено доколку се нема искуство со едрилици, пливање и други летни предизвици, кои навидум се забавни, а само за секунда можат да се претворат во кошмар.

[email protected]