Фото: Игор Бансколиев / Архива

Содржината на билатералниот протокол со Бугарија ќе биде објавена откако тој ќе биде потпишан, најави вчера претседателот на собраниската комисија за европски прашања, Арбер Адеми, иако македонската јавност гласно бара веќе десетина дена овој документ да биде објавен пред неговото потпишување, бидејќи потоа ќе биде веќе предоцна

СЕ ЗАСИЛУВААТ КОНТРОВЕРЗИИТЕ ВО ОДНОС НА ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ

Претседателот на собраниската комисијата за европски прашања, Арбер Адеми, кој е пратеник од редовите на ДУИ, вчера посочи дека протоколот за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија ќе биде објавен дури откако ќе биде потпишан.
– Значи протоколот кога ќе биде потпишан, кога ќе биде финализиран и ќе биде потпишан и благовремено ќе се сподели со целата јавност, како и овие документи што се споделени со целата јавност – изјави Адеми во Собранието.
Протоколот за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија, за кој постојат сериозни индиции дека имплицитно ќе биде своевиден услов во преговарачката рамка за Македонија со ЕУ, македонската јавност гласно бара веќе десетина дена да биде објавен пред неговото потпишување. Текстот на протоколот не им беше доставен ниту на пратениците во Собранието, ниту беше објавен на веб-страницата на Владата со другите документи од т.н. француски предлог. Иако протоколот претставува технички документ за комуникација на ниво на министерства за надворешни работи и министерот има право да го потпише без да биде потврден низ собраниска процедува, загриженоста што ја предизвикаа во јавноста информациите за неговото пресудно значење за отворање на преговорите со ЕУ ја наметнаа потребата од максимална транспарентност за неговата содржина. Инаку, информациите за содржината на протоколот главно стигнуваа од бугарски извори, кои предизвикуваат загриженост во македонската јавност.
Сепак, претседателот на Комисијата за европски прашања, Адеми смета дека објавувањето пост фестум на протоколот е за „доброто на државата, додека некои други центри не ѝ посакуваат добро на државата“.

– Мислам дека ваков најтранспарентен начин немало досега. И треба да продолжиме така. Бидејќи само така можеме да ја добиеме битката со лажните вести што се кројат од центри што не ѝ сакаат добро на Македонија и на општеството наше – смета Адеми.
Кога станува збор за собраниската дебата по однос на францускиот предлог, претседателот на Собранието, Талат Џафери, реши таа да оди директно на пленарна седница, без комисиска расправа. На вчерашната редовна координација свикана од претседателот на Собранието, Џафери, присуствуваа потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски; на СДСМ, Јован Митревски; на ДУИ, Арбер Адеми, и на Алијанса на Албанците, Илире Даути, како и претставниците на политичките партии БЕСА, Алтернатива и Левица. По однос на точката – Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка, Џафери нагласи дека во согласност со член 185 од Деловникот на Собранието, претседателот ја доставува информацијата до пратениците во форма во која е добиена и нема надлежност да навлегува во нејзината содржина. Во исто време нема деловничка одредба што му овозможува на претседателот да ја врати информацијата до предлагачот. Според процедурата, информацијата што е на дневен ред на пленарна седница се усвојува со донесување заклучоци по однос на информацијата.
Претставникот на Владата, Бојан Маричиќ, одговори дека ќе ги пренесе ставовите на опозицијата и информациите од координацијата до Владата, за потребата да се дополни информацијата со материјалите што се јавно достапни за целата јавност, а во информацијата се наведени како референца. Во согласност со Деловникот, претседателот соодветно ќе информира за датумот за свикување на пленарната седница на чиј дневен ред ќе биде информацијата. Ј.П.