Групата еврејски верници за кои се претпоставува дека се членови на еврејската верска заедница Лев Тахор го напушти Куманово, и во моментот престојуваат во Скопје.
Од МВР потврдија дека тие го напуштиле Куманово и во моментов се во Скопје, и апелираат на толеранција и солидарност со нив.

– Потсетуваме дека овие лица ги почитуваат законите на Република Северна Македонија, се целосно со легален престој тука, и привремено престојуваат во нашата држава. Наведената група не претставува никаква опасност и апелираме на толеранција и солидарност кон истите – соопштува МВР.

Инаку, групата на еврејски верници од 5 февруари престојува во градот Куманово. Според Министерството за внатрешни работи, станува збор за 30 лица кои преку скопскиот аеродром влегле во Македонија.

На социјалните мрежи вчера беа забележани апели од кумановци за присуството на Лев Тахор во нивниот град. Беше објавено дека припадниците на Тев Лахор се сместени во приватни куќи во кумановската населба Зелен Рид.
Лев Тахор претставува еврејска религиозна група основана во 1988 година. Честопати окарактеризирана како секта, се проценува дека се состои од 200 до 300 членови. Групата следи атипични верски практики, кои вклучуваат невообичаено долги молитви и договорени бракови, а досега се соочи со обвиненија за киднапирање, сексуална злоупотреба и за злоупотреба на деца. Нејзините припадници се селат често, при што беа во Израел од 1988 до 1990 и повторно од 2000 до 2003 година, а во меѓувреме и во САД, Канада, Гватемала, Мексико, Романија и во БиХ.