Веќе втора година по ред на имејл-адресите на граѓаните пристигнуваат пораки во името на Европол во кои или се бара да се уплатат одредени средства, или пак има линкови и прикачени документи за некакво наводно извршување. И сето тоа е со една цел – измамниците да изнудат пари или да дојдат до личните податоци на луѓето. Уште во 2021 година Европол предупреди дека измамниците повикуваат на уплата на пари бидејќи се наводни сторители на тешки кривични дела.
И покрај тоа што веќе целиот свет знае за оваа измамничка шема, криминалците продолжуваат со засилено темпо. Сега и на службените имејл-адреси на новинарите во нашата редакција пристигнаа такви пораки.
– Нека не ве лажат, целата оваа кореспонденција е лажна. Ниту Европол ниту некој од неговите вработени никогаш директно не би контактирале со граѓаните барајќи итна акција или заканувајќи им се на поединци дека ќе отворат кривична истрага. Европол не издава казни – се вели во апелот од Европол.
Меѓутоа, не е жртва само Европол. Деновиве и Министерството за внатрешни работи излезе со предупредување дека кружат лажни електронски пораки во име на директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски.
– Деновиве во МВР пристигнаа пријави од граѓани за добиенa електронска порака наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, во наводна соработка со Европол, во која во вид на некакво барање за судско појаснување, примачот на пораката се известува дека е предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема направено. Притоа, примачот на пораката се повикува да контактира со испраќачот, со некакво објаснување за наводните дела – велат од МВР.
Оттаму известуваат дека станува збор за лажна порака, која не е испратена од страна на МВР, ниту од која било институција за спроведување на законот. Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот за нивна понатамошна злоупотреба.
– Затоа апелираме на особено внимание овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се контактира со испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци што ќе ви бидат побарани – додаваат оттаму.
Исто така тие предупредуваат да не се отвораат линкови и датотеки што се испратени во прилог на имејл-пораката што доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на компјутерскиот систем од малициозен софтвер.
– Ги информираме граѓаните и дека во Секторот за компјутерски криминал е пријавено дека е изработена лажна веб-страница на Управата за јавни приходи, од каде што се испраќаат пораки за некакво задолжително пријавување на лажен линк. Апелираме до граѓаните да не ги отвораат таквите пораки и да не ги оставаат податоците од своите банкарски сметки, затоа што станува збор за измама – истакнуваат од МВР.
Д.Т.З.