Мигрантите користеле авионски превоз од Куба до Србија, па преку Македонија се обидувале да остварат нелегален влез во Грција, од каде што, пак, го продолжувале патот кон Шпанија. Се проценува дека околу 5.000 кубански државјани биле прошверцувани во ЕУ, генерирајќи им профит на криминалните групи од околу 45 милиони евра

Сузбиена меѓународна мрежа за шверцување мигранти во координирана полициска акција

Во текот на месец јуни 2023 година, со координација и поддршка од Интерпол и Европол, а со активно учество на македонското министерство за внатрешни работи, беше реализирана меѓународна оперативна акција во пет земји, во која беа лишени од слобода 62 лица, од кои 25 кубански државјани, а беа запленети и фалсификувани документи и пари.

Бандата нудела услуги како да е туристичка агенција

Членовите на криминалните групи за да им ги „промовираат“ своите услуги на ранливите граѓани (во случајов, кубански државјани) користеле апликации на социјалните мрежи, при што за сума од околу 9.000 евра криминалците ги организирале патувањето, трансферите и обезбедувале фалсификувана документација, потребна за влез во Европската Унија. Мигрантите користеле авионски превоз од Куба до Србија, па преку Македонија се обидувале да остварат нелегален влез во Грција, од каде што, пак, го продолжувале патот кон Шпанија. Се проценува дека околу 5.000 кубански државјани биле прошверцувани во ЕУ, генерирајќи им профит на криминалните групи од околу 45 милиони евра.
Спроведената истрага откри комплексна криминална мрежа поставена низ Грција, Србија и Шпанија, чии членови се адаптирале на сите околности, со цел да го продолжат криминалниот бизнис. Шверцерите и нивните соработници што го олеснуваа движењето на лицата мигранти од Куба низ Македонија биле во најголем број српски државјани, а имале свои помагачи низ нашата земја. Притоа, при откриените случаи на кривично дело „шверцување мигранти“ на лица од Куба во Македонија, сторителите беа процесирани пред надлежните органи со соодветни поднесоци.
Имено, Србија и Македонија имаа безвизен режим со Куба, кој беше искористен за остварување легален влез, сѐ до 1.1.2023 година кога Македонија донесе одлука за воведување виза за Куба, односно до април 2023, кога истото тоа го стори и Србија.
Истрагата, координирана од Интерпол и Европол, беше почната во октомври 2021 година, откако Финска, Грција, Македонија и Србија пријавија зголемен број кубански граѓани што се обиделе да влезат во Европа со лажни документи. Најпрво, кубанските државјани користеле комерцијални летови за Русија, каде што криминалците им нуделе опција илегално да ја преминат руско-финската граница и така да влезат во ЕУ, а како друга опција им нуделе летови за Србија, па од таму да го продолжат своето патување во Централна или Јужна Европа. Меѓутоа, по почетокот на конфликтот во Украина, маршрутата се промени, па кубанските државјани летаа од Германија за Србија. Криминалните мрежи потоа им го олеснувале илегалниот влез во Македонија и Грција, често принудувајќи групи мигранти да се движат ноќе со часови, без резерви на храна и вода. Некои од најранливите мигранти, меѓу кои и малолетници, биле изложени на измами, грабежи и изнуда, а некои жени биле префрлени во други криминални групи заради сексуална експлоатација.

Брутално ја злоупотребиле маката на несреќните Кубанци

Според извори од истрагата се дознава дека членовите на бандата имале комплетна опрема за фалсификување документи, но краделе и пасоши. Украдениот документ потоа му би бил предаден на Кубанец чиј лик наликува на вистинскиот сопственик на пасошот.
– Кога станува збор за шверцери, В.Ш. (67) и М.Ш. (33), кои беа уапсени во Србија, утврдено е дека организирале шверцување на 53 мигранти од Куба, кои преку Србија стигнале во Македонија и Грција. Тие беа принудени да пешачат 13 часа низ шумски и оддалечени патишта за да ги избегнат патролите на граничната полиција. Уште шест Кубанци се приведени во Србија со лажни документи и е утврдено дека ги примиле од уапсени членови на бандата. При претрес на станот и другите простории што ги користеле В.Ш. и M.Ш. се пронајдени и одземени четири мобилни телефони, автомобил, 600 евра и 300 долари, како и шест писма со покана, две потврди за трансфер на пари и две патни исправи – изјави изворот, истакнувајќи дека од другите членови на бандата во Грција и Шпанија е одземено вистинско богатство:
„Запленети се дури 18 имоти, потоа ’замрзнати‘ се 33 автомобили, дури 144 банкарски сметки во повеќе земји, а одземено е и поголемо количество готовина“.
Бандата шверцери на луѓе брутално ја злоупотребиле маката на несреќните Кубанци, а некои биле грозоморно малтретирани. Како што пренесуваат шпанските медиуми, децата од Куба биле принудувани да питаат во земјите на ЕУ, но и да крадат и да вршат други злосторства, под закана дека ќе им бидат убиени нивните семејства.
– По пристигнувањето во Европа, одредени девојки биле принудувани на проституција со сила и закани, бидејќи банда шверцери им ги продавала како бели робинки на други трговци со луѓе заради сексуална експлоатација. Вака поминаа најогорчените мигранти, кои веројатно мораа да ги платат трошоците за патувањето во Европа – додава истиот извор.

Македонското МВР активно вклучено од самиот почеток на акцијата

Според информациите на надлежните служби, Министерството за внатрешни работи на Македонија преку соодветните единици имаше активна улога од почетокот на оваа истрага. Беа одржани оперативни состаноци со сите засегнати држави во седиштата на Интерпол во Лион, Франција, и на Европол во Хаг, Холандија. Исто така, беа одржувани и состаноци на билатерално ниво помеѓу Македонија и Србија и Грција за споделување информации што би можеле да бидат од корист за истрагата во земјите. Ц.Х.