На поранешниот градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски, не му е познатото местото викано „Шербетница“’, на Водно. Во својство на сведок Трајановски, денеска беше сослушан во случајот „Плацови на Водно“, при што посочи дека Никола Груевски, не побарал од него или преку друго лице урбанизација на парцели на Водно.

– Не ми кажал дека има плацови на Водно. Не ми кажал дека има и станови на улица „Бихачка“ – рече Трајановски.

Од страна на обвинителката Лиле Стефанова, пренесува МИА, сведокот Трајановски, беше прашан дали претходно во ОЈО Скопје, бил сослушан како обвинет за донесениот ГУП. Одбраната на обвинетиот реагираше на вака поставеното прашање со образложение дека на овој начин обвинителството сака да го исплаши сведокот.

Случајот „Плацови на Водно“ го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова.

Според обвинението, поранешниот премиер Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот”, а неговиот кум, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан Орце Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари”. Мијалков, кој е прв братудед на Груевски, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело”.
Следното рочиште за случајот „Плацови на Водно“, е закажено за 18 февруари. На денешното рочиште за овој предмет беше сослушан и поранешниот советник во Советот на Град Скопје, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Бичиклиски, кој ја појасни процедурата на носење на ГУП-от за Град Скопје, за која рече дека била иницирана уште од времето на Трифун Костовски.

Тој наведе дека на седницата за носење на ГУП-от, во 2012 година гласале вкупно 26 советници, меѓу кои и советници од опозицијата.

– Ниту претседателот Груевки, ниту пак некој друг во државата ми сугерирал како да гласам за носење на ГУП-от во 2012 година – рече Бичиклиски.