Фото: Архива

Основното јавно обвинителство – Скопје го изготви барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски – Палчо од Турција. Палевски, првоосомничениот за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски, вчера беше уапсен во Турција.

– Основното јавно обвинителство Скопје го изготви барањето за екстрадиција од Турција на лице осомничено за две кривични дела – грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие) заедно казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик – се наведува во соопштението од обвинителството.

Обвинителството до турските власти ќе ја достави комплетната потребна документација.

– Во прилог на барањето за екстрадиција до турските власти ќе биде доставена комплетната потребна документација – наредбата за истражна постапка против осомничениот, решението со кое од Основниот кривичен суд Скопје му е определен бранител по службена должност и му е одреден притвор, како и наредбата за издавање меѓународна потерница. На турските власти ќе им бидат посочени и применетите одредби од Кривичниот законик во кои е содржан законскиот назив и обележјата на кривичното дело за кое се води истрагата и други релевантни одредби од македонското законодавство – наведуваат од обвинителството.

Барање за екстрадиција итно беше доставено до Министерството за правда, врз основа на меѓународните договори за соработка со Турција, а министерот за правда, Кренар Лога, во меѓувреме го потпиша.

– Министерот за правда Кренар Лога го потпиша барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски и откако ќе биде преведено на турски јазик ќе биде веднаш испратено на турските власти, односно до Министерството за правда на Република Турција. Очекуваме соработка со правосудните органи на Република Турција и постапување од нивна страна во најкус можен рок по што Љупчо Палевски ќе биде изведен пред органите на правдата во нашата земја – стои во соопштението од Министерството за правда.

Судот определи притвор од 30 дена за останатите четворица осомничени во случајот со двојното убиство. Како што соопштија вчера од скопското основно обвинителство, истражната постапка се води против пет лица, од кои четворица осомничени како соизвршители при две кривични дела „грабнување“ и две убиства на свиреп начин, од кои едно на малолетно лице и едно од користољубие, додека, петтиот осомничен им помогнал при извршување на кривичното дело грабнување на малолетно лице.