Обвинетите за модуларната болница во Тетово се изјаснија дека не се чувствуваат виновни на повторното судење кое започна денеска во Основен суд Тетово. По околу пет часа траење на главната расправа на која беа презентирани и видео снимки од видеонадзор во рамки на Клиничка болница Тетово од 8 септември 2021 година кога избувна пожарот, Судот донесе рочиштето да продолжи на 3 април во 10 часот.
На денешната расправа застапникот на обвинението ги читаше насловите од доказите, а за дел од нив одбраната истакна приговори.
Потоа, Обвинителството речиси три часа репродуцираше видео материјали прибрани во фаза на истражната постапка. Беа емитувани видео снимки од видеонадзор во рамки на Клиничка болница Тетово од 8 септември 2021 година кога избувна пожарот, како и видео материјал снимен од телевизиска екипа наменет за новинарски прилог од 1 септември 2021 година.
-Поради наближување на крај на работно време на судот расправата се одлага за 3 април 2025 година во 10 часот – истакна судијата Реџеп Муса.
Обвинетите, тогашните директори Флорин Бесими и Артан Етеми, се изјаснија дека не се чувствуваат за виновни за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“. Исто така, и застапник на правно лице ЈЗУ Клиничка болница за делото „предизвикување општа опасност“ истакна дека не чувствуваат одговорност.
До ова повторно судење дојде откако Апелацискиот суд во Гостивар во април 2024 година донесе решение. Процесот требаше да почне на 26 јуни 2024 година, но се одложуваше за 25 септември 2024, потоа за 5 ноември 2024 година и за 15 јануари 2025 година.
На 5 јуни 2023 година Основен суд Тетово одреди условна осуда за обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“ во судскиот процес по пожарот во модуларната болница во Тетово во 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе. Судот тогаш одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.
Според пресудата, на обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми им беше утврдена казна затвор од по една година и шест месеци, условна осуда и утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетите секој за себе во време од по три години не сторат ново кривично дело. Правно лице требаше да плати парична казна во висина од еден милион денари, 30 дена по правосилност на пресудата.
За пожарот во тетовската модуларна болница што се случи на 8 септември 2021 година во која 14 луѓе ги загубија животите, на 27 јули 2022 Обвинителството поднесе обвинителен предмет до Основен суд Тетово, откако десет месеци се вршеше истражна постапка.
Првото судење почна на 7 декември 2022 година, откако дотогаш имаше четири одложувања.