Според Европол, во Шпанија се запленети најопасните фалсификати произведени во ЕУ во последниве годиниа

Според информацијата од страна на ЕВРОПОЛ, фалсификаторите користеле врвна технологија за производство на лажни банкноти евра, кои експертите ги окарактеризирале како едни од најсофистицираните фалсификати што некогаш биле откриени во ЕУ. Напредниот технолошки дизајн и добрата состојба на крајниот производ ги прават нив „најсовршен фалсификат“ произведен во ЕУ во последните години…

ПРОБЛЕМОТ СО ЛАЖНИТЕ БАНКНОТИ СТАНУВА НЕРЕШЛИВ

Фалсификуваните пари секогаш биле атрактивни за криминалните организации и за поединците, бидејќи секогаш им остварувале добивка. Криминалните организации заради фактот што им носат дополнителни приходи, а поединците затоа што можат да пазарат, а да не трошат вистински пари. Токму затоа еден од најголемите предизвици за полициските власти се откривањето на овие банкноти и апсењето на оние што ги пуштаат во оптек.

АКЦИЈА ЗА СУЗБИВАЊЕ НА КРИМИНАЛОТ СО ФАЛСИФИКУВАЊЕ ПАРИ

Неодамна, Европол заедно со шпанската полиција реализираа акција за разбивање организирана криминална група вклучена во производство и дистрибуција на фалсификувани банкноти на евра.
Беа реализирани девет претреси на локации во Аликанте, Барселона, Малага и во Валенсија, а беа уапсени 12 лица. Успешно беше откриена и демонтирана тајна печатница на која осомничените си ги печателе банкнотите.
Запленети беа 4,3 милиони евра висококвалитетни лажни банкноти од 500 евра и големо количество опрема составена од неколку машини за печатење, апарат за експозиција, машина за штанцање, хартија и суровини.
– Фалсификаторите користеле врвна технологија за производство на лажни банкноти на евра, кои можеме да ги окарактеризираме како едни од најсофистицираните фалсификати што некогаш биле откриени во ЕУ. Напредниот технолошки дизајн и добрата состојба на крајниот производ ги прават нив најопасни фалсификати произведени во ЕУ во последните години – информираа од Европол.
Инспекторите од Истражната бригада на Банката на Шпанија го идентификуваа главниот осомничен за печатењето како поединец познат на властите, кој досега неколкупати бил притворен за слични криминални активности во 2009 година. Со апсењето на осомничениот, уште неколку случаи од минатите години добиваат епилог. Лицето работело во овој бизнис повеќе години.
Во 2021 година, шпанската регионална полиција во Каталонија пронашла торба со околу четири милиони евра во лажни банкноти од 500 евра. Центарот за анализа на Банката на Шпанија потврди дека фалсификатите се исти како оние од најновата серија фалсификати. Инспекторите проценуваат дека за само три месеци криминалната мрежа испечатила повеќе од осум милиони евра во оваа тајна печатница, која беше разбиена во септември. Членовите на криминалната мрежа имале различни функции, од снабдување со суровини, главно од Кина, до управување со опремата за печатење.
Лажните пари биле користени за различни криминални активности, вклучувајќи и трговија со дрога.

Фалсификуваните банкноти не ја одминуваат Македонија

Ниту Македонија не е имуна на фалсификувани банкноти, што се покажа како редовна практика во изминатите години. За потсетување, на почетокот на годината, дури и Народната банка мораше да излезе со предупредување до граѓаните, поради пуштени фалсификувани банкноти од две илјади денари.
Честопати јавноста е информирана дека се лишени од слобода лица со фалсификувани пари што ги пуштале во оптек. Полициските власти, не толку одамна, известија за човек што со фалсификувани пари успеал да си купува мобилни телефони, додека друг, пак, пуштал фалсификувани банкноти од 100 евра во Тетовско и во Кичевско. Поединечни случаи има во голем број.
Летово, пак, вработените на наплатните станици во земјава се соочуваа со сериозен проблем со фалсификувани монети од едно и две евра, кои главно доаѓаа од странци што транзитираат низ земјава.
Факт е дека е многу тешко да се препознаат фалсификуваните пари, ако се земе предвид напредната технологија со која располагаат криминалните организации што ги произведуваат.
Според податоците објавени во македонските медиуми, во првите шест месеци од годинава, Народната банка примила 259 сомнителни ковани пари со апоенска вредност од едно евро и 11.579 со апоенска вредност од две евра.
Ова не е проблем само кај нас, туку и кај другите земји-членки на Европската Унија. Летово, во Ирска и во Италија имаше големи полициски акции за откривање на лицата што ги дистрибуираат и произведуваат фалсификуваните монети од едно и од две евра, а пред неколку години, бугарската и грчката полиција, во заедничка истрага поддржана и координирана од Европол, разбија организирана криминална група што произведувала фалсификувани монети евра.

ВО ЕДНА ГОДИНА, вкупната сума изнесува речиси 500 ИЛЈАДИ ФАЛСИФИКУВАНИ ЕВРА

Европската централна банка изминатиот период информира дека во текот на 2020 година, вкупно 460 илјади фалсификувани евра се повлечени од оптек низ цела Европа и светот.
Според оваа институција, најмногу лажни евра биле откриени во земјите од еврозоната и остатокот од ЕУ, а само 2,7 проценти во другите делови на светот.
– Дури 94,5 проценти од фалсификуваните банкноти се пронајдени во земјите од еврозоната, 2,8 проценти се пронајдени во земјите-членки на ЕУ надвор од еврозоната, додека 2,7 проценти се откриени во други делови на светот – соопшти Европската централна банка.
Според анализите, запленетата сума во 2020 година е за 17,7 проценти пониска од онаа претходната година и е досега историски најмалото количество фалсификати регистрирани во однос на бројот на банкнотите што се во оптек.
– Околу две третини од сите фалсификувани банкноти се во апоени од 20 и од 50 евра – информираат оттаму.