Архива / Фото: Архива

На рочиштето за супервештачењето за случајот „Ласарци“ денеска во Кривичниот суд во Скопје, четворица вештаци околу пет часа одговараа на прашања од јавниот обвинител Дарко Јакимовски, кои беа проследени со реакции и негодувања од бранителите на обвинетите. Судијката Диана Груевска Илиевска, денешното рочиштето го прекина, поради, како што рече „немање соодветни услови за работа и начин на комуникација кој не е соодветен за во судница“.

Прашањата на јавниот обвинител за вештаците кои го изготвија супервештачењето, нарачано од Судот во декември 2021 година, во првиот дел се однесуваа на нивната стручност и компетентност, потоа во насока на тоа дали при вештачењето биле земени предвид претходните вештачења, како и сите претходни искази и докази за да се изврши супервештачењето, а завршија со прашања кои се однесуваа на исправноста на возилото пред несреќата, техничките прегледи, механичарските зафати, како и белешките во однос на тие поправки и менување на делови.

Јакимовски, укажа дека голем дел вештиот наод се состои од транскрипти и оти само на седум страници од околу 70 се содржани заклучоците од супервештачењето. Тој, најмногу се задржа на системот за кочење на автобусот, за кој детално го испитуваше вештакот во однос на начинот на кој тој работи, со што се потенцираше, дека за разлика од хидрауличниот, кај овој систем силата на допирот на педалата за кочење е многу помала и тоа помага за побрза реакција во случај на незгода.

Вештаците, одговарајќи на прашањата во врска со исправноста на возилото, наведоа дека тие во супервештачењето ги имаат посочено недостатоците и неисправноста на автобусот со кој се случи несреќата, како и дека констатирале дека постои недоследност во техничкиот преглед.

Во текот на целото рочиште, адвокатите на обвинетите реагираа на начинот на кој обвинителот Јакимовски ги поставува и формулира прашањата, укажувајќи дека станува збор за слични прашања кои доведуваат до ист одговор, а за кои вештаците веќе одговориле дека „не се надлежни и дека за таквите прашања одговор треба да имаат правниците и Судот“.

Следното рочиште продолжува со прашања на обинителот за вештаците.

Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, а Техничкиот факултет во Битола, своевремено, дополнително извести и дека го вратиле предметот бидејќи нивните лиценцирани вештаци за машинство се стручни само за енергетика и не можат да вештачат моторни возила. Од Кривичен, потоа, информираа дека контактирале со Универзитетот во Штип и Машинскиот факултет во Скопје, од каде што биле известени дека тие немаат доволно лиценцирани вешти лица за сообраќајни возила кои не учествувале во претходните вештачења. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година, а во која загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени, се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Судскиот процес за несреќата започна во септември 2019 година.