Фото: Архива

Финансиска полиција поднесе кривични пријави против 11 физички и 14 правни лица осомничени за проневера на 2,4 милиони евра во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје поднесе кривична пријава против лицата И.Ѓ. во својство на претседател, О.М. во својство на раководител на Одделение за финансии и сметководство и Т.М. во својство на раководител на Одделот за судии и судење, сите од Фудбалската федерација на Македонија.

Физичките лица и фирмите се осомничени за злосторничко здружување, перење пари, злоупотреба на службена положба и овластување, несовесно работење во службата, проневера во службата, измама во службата, фалсификување или уништување деловни книги, соизвршителство.

Според информациите од Управата за финансиска полиција, со фиктивни фактури за наводно извршена продажба на стоки и услуги на ФФМ, правните субјекти се стекнале со противправна имотна корист.

– Пријавената О.М., во својство на раководител на Одделението за финансии и сметководство, во периодот од 1.1.2016 до 10.10.2019 ја злоупотребила службената кредитна картичка во сопственост на ФФМ, доверена на чување, на начин што пријавената О.М. при приватни патувања надвор од државата, за свои лични потреби, храна, облека и друго, потрошила и присвоила парични средства во вкупен износ од 3.017.928 денари, за кој износ го оштетила ФФМ. Пријавениот Т. М., во својство на раководител на Одделот за судии и судење при Фудбалска федерација на Македонија, потпомогнат од страна на С.С. и во соизвршителство со И.Ш., свесно и со однапред утврдена намера организирал да се изготват и достават фактури со невистинита содржина, за услуги и трговска стока која никогаш не била испорачана, за кои фиктивни фактури пријавената О.М. со пречекорување на овластувањата на својата службена положба извршила неоснована исплата од банкарските сметки на ФФМ на парични средства во вкупен износ од 12.581.289 денари, на штета на ФФМ – се наведува во соопштението.

 –