Фото: Маја Јаневска-Илиева

Тој што за услугата што му ја прави на некое лице прима или договара за себе или за друг несразмерна имотна корист искористувајќи ги неговата тешка имотна состојба, тешките станбени услови, нуждата, недоволното искуство или лекомисленоста, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години

БЕСПАРИЦАТА НА ГРАЃАНИТЕ ВО ПАНДЕМИЈАТА ГО ПОТТИКНУВА ИСЧЕКОРОТ ЗА НЕЛЕГАЛНО ПОЗАЈМУВАЊЕ ПАРИ

Лихварството е криминална појава што сѐ повеќе зема замав во земјава. Голем е бројот на лица што нелегално позајмуваат пари за двојна, тројна, па и поголема заработка, кога должникот треба да ги врати парите. Во неможноста да излезат накрај со секојдневните финансиски предизвици во време кога беспарицата е еден од најголемите проблеми во земјава, сѐ поголем е и бројот на граѓани што излезот од своите финансиски проблеми го наоѓаат во позајмувањето пари од лихвари.

МВР ВО ВОЈНА СО ЛИХВАРСТВОТО

Едни од поголемите случаи со лихварство што се забележани во земјава се од минатата година. Едниот случај е од мај, кога кавадарчанец на друго лице му дал пари на заем за да стекне несразмерна имотна корист. Тој за дадени 30 илјади денари, му барал камата од 12 илјади денари месечно, а по неколку месеци му барал уште 16 илјади денари.
Вториот случај, пак, е од февруари минатата година, кога јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против едно лице за кривично дело – изнуда од членот 258 став 1, како и обвинителен предлог против друго лице што се товари за кривично дело – лихварство од членот 260 став 1 од Кривичниот законик.
– Вториот обвинет, на возраст од 25 години, на почетокот на 2019 година му дал услуга на едно оштетено лице, при што за себе договорил несразмерна имотна корист. Притоа, обвинетиот ги искористил тешката имотна состојба, недоволното искуство и лекомисленоста на сведокот што е оштетен, па му позајмил 20.000 евра со каматна стапка од 10 отсто на месечно ниво. Парите на оштетениот му биле потребни за да намири семејни долгови на неговиот татко.
Посредник за позајмувањето и примањето на парите бил првиот обвинет, лице на возраст од 28 години. Откако оштетениот не можел навреме да го врати заемот, тој обвинет од септември 2019 година до 18.11.2019 година употребувал сериозни закани кон него и кон неговата мајка за да ги принуди да му дадат вкупни парични средства во износ од 120.000 евра. Исплашена за животот на својот син, мајката се сретнала со првиот обвинет во кафуле во еден трговски центар во Скопје и му предала 60.000 денари. Откако ги зел парите, тој веднаш бил лишен од слобода од страна на полициските службеници – наведено е на интернет-страницата на сајтот на Јавното обвинителство.

Бесплатна телефонска линија за пријава на лихварство

Дека проблемот со лихварството во земјава е доста голем, говори и фактот што неодамна Министерството за внатрешни работи отвори и бесплатна телефонска линија на која граѓаните анонимно можат да пријават лихварство и да споделат корисни информации поврзани со лихварството. На бројот 0800 00 201, граѓаните можат да се јават и да споделат информации за оваа проблематика.
Според статистичките податоци на Одделот за криминалистичко разузнавање и анализа при БЈБ на Министерството за внатрешни работи, за периодот од 2018 до 2020 година, по однос на кривично дело „лихварство“, регистрирани се вкупно 15 кривични дела за кои се пријавени дваесет сторители.
– Во 2018 г. се евидентирани две кривични дела со двајца сторители, во 2019 година пет кривични дела со осум сторители и во 2020 година осум кривични дела со десет сторители – информираат од МВР.
Лихварството се регулира во Кривичниот законик во членот 260.
– (1) Тој што за услугата што му ја прави на некое лице прима или договара за себе или за друг несразмерна имотна корист искористувајќи ги неговата тешка имотна состојба, тешките станбени услови, нуждата, недоволното искуство или лекомисленоста, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
(2) Со казната од став 1 ќе се казни и тој што неовластено се занимава со давање пари или други потрошни предмети на заем со договор и притоа договара несразмерна имотна корист – наведено е во членот 260 од законот.