Претседателката на првостепена комисија на Фондот за здравствено осигурување, Викторија Чаловска, како сведок во случајот со малата Тамара, девојчето кое почина чекајќи операција на р’бетот во странство, во вчерашното рочиште пред судот појасни дека на почетокот на декември, 2014 година, комисијата одобрила лекување на Тамара во Турција, за два месеци потоа, односно на почетокот на февруари 2015, мајката на Тамара да побара нејзината ќерка да биде лекувана во друга болница.

Чаловска пред судот објаснила дека кога го добиле барањето за лекување на девојчето истото било поднесено за лекување во Дубрава.

Од оваа болница во комисијата не добила одговор, па стапила во контакт со други установи, но тие немале задоволителни критериуми и од тие причини членовите сакале да се најде референтен центар кој ќе овозможи успешно лекување.

Според зборовите на Чаловска, комисијата одлучила да се запре постапката со оглед дека формалниот рок од шест месеци на важење на конзилијарното мислење истекувал, а сѐ со цел да дадат шанса да се поднесе ново барање.

По ова, мајката на Тамара поднела ново барање, а комисијата дала свое мислење девојчето да се лекува во болница во Мерипол во Турција. Чаловска пред судот нагласи дека ова мислење било дадено на 10 декември 2014 година кога Тамара веќе можела да замине на лекување.

По ова предметот бил затворен, но во февруари 2015 година, членовите на комисијата биле повикани на итен состанок со барање од мајката на Тамара да биде сменета болницата каде што ќе биде упатено девојчето. Според нејзиното уверување, поадекватна установа за лекување на девојчето била болницата Аџибадем во Истанбул.

Тамара почина во 2015 година, чекајќи ја операцијата. Следното судење за нејзината смрт е закажано 10 април кога пред судот треба да се појават нови сведоци.