Распишана меѓународна потерница за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кому судот вчера му одреди мерка куќен притвор пред пресудата за „Таргет-Тврдина“.

– Од страна на надлежното Министерство за внатрешни работи до Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, претпладнево е поднесено барање за согласност од судот за распишување меѓународна потерница за обвинетиот, на кој во текот на вчерашниот ден му беше определена мерка куќен притвор со 24 часовен надзор по негово пронаоѓање, односно лишување од слобода. Кривичниот совет веднаш по приемот на барањето има донесено решение за согласност за распишување меѓународна потерница од страна на МВР и истото е доставено до барателот – се наведува во соопштението од судот.

Кривичниот суд вчера на Мијалков му определи куќен притвор со 24-часовен надзор, поради опасност од бегство.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција вчера, 21 февруари, во 15 часот до Основниот кривичен суд Скопје доставило предлог за определување мерка притвор против Мијалков обвинет во предметот „Таргет-тврдина“, поради постоење на сомнение за евентуално бегство.