Само годинава низ државава имаше неколку случаи на подметнати пожари / Фото: Игор Бансколиев

Дури педесет и три подметнати пожари се регистрирани годинава. На подрачјето на СВР-Скопје и СВР-Битола се регистрирани по 11 подметнати пожари, кај Куманово осум, во Охрид седум, во Штип и Струмица по шест и во Велес четири случаи на подметнати пожари, информираат од Министерството за внатрешни работи

Планинските излетнички места, ливадите, но и други локации низ земјата често се цел на несовесни граѓани, кои уживаат да подметнуваат пожари. Земјава памети голем број подметнати пожари од пиромани, кои уживаат во предизвикувањето хорор и хаос за околината.
Само годинава низ државава имаше неколку случаи на подметнати пожари со кои се справуваа, надлежните а неодамна имаше и случај кога тинејџер на „Тик-ток“ објави видеоснимка на која се гледа како потпалува грмушка и предизвикува пожар на падините на планината на шумата во близината на селото Мојанци.
Видеото беше споделувано на социјалните мрежи, а Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика презеде мерки за откривање на сторителот и доказите, односно повеќе снимени видеоснимки на кои јасно се гледа фигура на човек како врши потпалување на повеќе грмушки и дрвја. Потоа сите тие ѝ беа предадени на Единицата за ненасилен криминал, која набргу го идентификувала сторителот, по што поднесе и писмено известување до Основното јавно обвинителство – Скопје, за седумнаесетгодишникот од селото Мојанци, поради предизвикување пожар на нискостеблеста шума и вегетација. Момчето се товари за предизвикување општа опасност.

И ова не е прв ваков случај. Според Министерството за внатрешни работи, од први јануари до седми август годинава, на територијата на Македонија се регистрирани вкупно 53 случаи на подметнати пожари.
– На подрачјето на СВР-Скопје и СВР-Битола се регистрирани по 11 подметнати пожари. На подрачјето на СВР-Куманово осум, во СВР-Охрид седум, во СВР-Штип и Струмица по шест и во СВР-Велес четири случаи на подметнати пожари – информираат од МВР.
Оттаму додаваат дека за овие подметнати пожари се поднесени вкупно 15 кривични пријави. Од нив, 14 за предизвикување општа опасност против 18 лица и за кривично дело тешки дела против општата сигурност на луѓето против едно лице.
– Секторот за внатрешни работи во Битола има поднесено седум кривични пријави за сторени кривични дела предизвикување општа опасност против девет лица, СВР-Куманово четири против шест лица, СВР-Охрид против две лица, СВР-Штип против две лица и СВР-Струмица поднесе една кривична пријава за сторено кривично дело предизвикување општа опасност против едно лице – информираат од Министерството за внатрешни работи.

Според Трајче Кметовски, помошник-командант за развој во Противпожарната бригада во Скопје, од пожарите има примарна и секундарна штета.
– Примарно се нанесува штета со уништување на постојното, а секундарно се потребни големи материјални средства, но и време, за да се обноват опожарените шумски површини и пасишта – вели тој.
Според него, за пожарите на отворен простор најчеста причина се човечко невнимание и намерно палење. Не е мал бројот на намерни палења делови од шуми за да може локалното население потоа да ги користи оштетените дрва, односно да врши дрвокрадство.

[email protected]