Во однос на собранискиот Деловник треба еднаш да се утврди кој модел ќе се усвои: или англискиот модел, да може пратеник да биде министер, а ако е разрешен повторно да се врати на пратеничкото столче; или моделот на исклучива инкомпатибилност, односно оној што бил кандидиран на изборна листа да не може да биде министер, односно да биде само пратеник. Тоа се двата докажани модела врз кои се поставуваат парламентарните деловници и во основа е важен моделот. Нашиот собраниски модел е ни риба ни девојка, па сведоци сме на непродуктивни политички фарси и коалицирања, тврдат експертите

Македонскиот собраниски модел ни риба ни девојка

На почетокот на работата на десеттиот парламентарен состав, изгледа како сиот труд на Европскиот парламент, вложен во дијалогот „Жан Моне“, за прецизирање на одредбите во Деловникот на македонското собрание, да бил залуден. Иако собраниските процедури се утврдени со Деловникот, кој во минатиот парламентарен состав беше предмет на усогласување преку дијалогот „Жан Моне“, во првите активности на овој парламентарен состав токму процедурите сѐ уште оставаат простор за толкување и остануваат алиби за одолжување на политичките договори и одлуки. Навистина, околу 90 проценти од прашањата за измените на Деловникот се затворени од претходниот парламентарен состав, меѓу нив е и тоа да се ограничи времето за конститутивната седница, дел од разликите сепак останаа. Сепак, измените треба да ги донесе овој парламентарен состав, така што почетокот на работата на десеттото Собрание е со извесен деловнички расчекор. По третиот дијалог на процесот „Жан Моне“, одржан непосредно пред самораспуштањето на Собранието, на крајот од јануари годинава, според тогашната изјава на Џафери, останаа разлики во однос на критериумите за избор на идниот генерален секретар и неговите помошник-генерални секретари. Иако пратениците се согласиле за соодветното време за почнување и за завршување на конститутивната седница, таквата одлука во суштина не е усвоена и тоа треба да го стори овој парламентарен состав. Главна причина за ограничување на оваа седница е искуството по изборите во декември 2016 г., кога ВМРО-ДПМНЕ го опструира изборот на нов претседател на парламентот. Во суштина, актуелната состојба со собранискиот Деловник е дека тој сѐ уште е отворено прашање и го наметнува прашањето колку дијалогот „Жан Моне“ е успешен и ефикасен.

– Овој процес „Жан Моне“, наводно, за поддршка и развој на парламентарниот дијалог е само глумење демократија и од ЕУ и кај нас, да не речам изговор за пратенички излети за некакво дообучување. Имаме ние и пратеници што се преобучени и кои имаат доволно искуство. Во однос на собранискиот Деловник треба еднаш да се утврди кој модел ќе се усвои: или англискиот модел, да може пратеник да биде министер, а ако е разрешен повторно да се врати на пратеничкото столче; или моделот на исклучива инкомпатибилност, односно оној што бил кандидиран на изборна листа да не може да биде министер, односно да биде само пратеник. Тоа се двата докажани модела врз кои се поставуваат парламентарните деловници и во основа е важен моделот. Нашиот собраниски модел е ни риба ни девојка, па сведоци сме на непродуктивни политички фарси и коалицирања – вели универзитетскиот професор по управно право Борче Давитковски.

Десеттиот парламентарен состав, избран на предвремените избори на 15 јули, може да се каже дека активно започна со работа, и по повторниот избор на Талат Џафери за претседател на Собранието, на вчерашната втора седница требаше да дебатира за бројноста на собраниските потпретседатели. Според најавите на мандатарот Зоран Заев, тој денеска треба да го поднесе до Собранието својот предлог за состав на Владата и на парламентарна седница да се разговара и да се гласа за него. Сепак, вчерашната седница беше прекината набргу по почетокот, откако беше констатирана оставката на пратеникот Флорин Бесими, пратеникот од ДУИ од новиот парламентарен состав, кој предходно поднесе оставка и ваквата своја одлука ја образложи дека била донесена од морални принципи, за да се избегне можен конфликт на интереси при гласањето во Собранието на новата влада во која за министер за финансии е предложен неговиот брат Фатмир Бесими. Се очекуваше да пристигнат и други оставки од пратеници, за кои мандатарот Заев најави дека ќе ги предложи за составот на новата влада, а ДИК требаше да достави извештај до Собранието, кои пратеници од изборните листи треба да ги заменат оние од кои се очекува оставка од пратеничкиот мандат.

Иако беше избран истиот парламентарен спикер, со претходно долго пратеничко искуство, почетокот на работата на новиот парламентарен состав повторно се соочи со деловнички недоумици и недоречености уште по прашањето на бројноста на собраниските потпретседатели. Според Џафери, бројноста на потпретседателите може да се утврди низ дебата, бидејќи според регулативата и Уставот, Собранието може да има еден или повеќе потпретседатели.
– Процедурите се јасни, но сѐ уште тече рокот за доставување на предлогот за состав на нова влада и програма. Додека не биде доставен предлогот, јас не можам да кажам кога ќе има седница – рече Џафери, реплицирајќи му на некој начин на мандатарот Заев, дека предлогот за состав на Владата ќе го достави кога ќе се утврди бројот на потпретседатели на Собранието.
– Собранискиот Деловник, во суштина, врз основа на Уставот, ги разработува уставните намери во практичното функционирање на парламентот и не треба да биде во контрадикција со Уставот или да остава простор за недореченост, барем за техничко-функционални прашања. Не гледам спорност во однос на менувањето на бројноста на потпретседателите на Собранието, зашто Уставот го дозволува тоа, а тоа прашање често зависи и од бројноста на партнерите во коалицијата. Можеби би можело тоа да се уреди со Деловникот, но не знам колку би било корисно. Она што го забележувам е дека според актуелниот Деловник не е многу јасно кој претседава со конститутивната седница на Собранието.

Порано беше дека со конститутивната седница претседава најстариот пратеник, а сега таквото решение е само дополнета опција на поранешниот собраниски претседател. Сметам дека треба да се врати формата најстариот пратеник да заседава со конститутивната седница, зашто, сепак, постои опција поранешниот спикер воопшто и да не биде избран за пратеник во некој нов парламентарен состав – вели првиот спикер на македонското собрание,Стојан Андов.


Колку чинат пет потпретседатели?

Поранешниот претседател на законодавниот дом, Трајко Вељаноски, реагираше на социјалните мрежи на предлогот за пет потпретседатели на Собранието. Според Вељановски, нема никаква економска оправданост и причина за тоа, иако таквата бројка на потпретседатели беше и во претходниот состав. Тој потсетува дека од 2006 до 2016 година, Собранието функционирало со тројца потпретседатели, а наведува примери и од други држави.

– САД – 435 пратеници – 1 потпретседател; Велика Британија – 650 пратеници – 3 потпретседатели; Словенија – 90 пратеници – 3 потпретседатели; Италија – 630 пратеници – 4 потпретседатели; Германија – 709 пратеници – 5 потпретседатели. Демократијата е скапа играчка, но изгледа само во Македонија важи правилото, што поскапо тоа е поголема демократија. Нема економска оправданост и причина за толкав број потпретседатели на Собранието – вели Вељановски.
Според некои пресметки, петте потпретседатели на Собрание ќе го оптоварат буџетот со околу 20.000 евра месечно, или 240.000 годишно, на име на плати за потпретседателите и членовите на нивните кабинети.