Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, по два дена, попладнево сам се појави во Обвинителството за организиран криминал во Скопје за да го земе решението за куќен притвор.

Во изјава за „24 вести“ тој рече дека бил во изолација и дека не знаел оти е распишана потерница по него бидејќи имал температура 40 степени.

Мијалков им се извини на јавноста, на Владата и на министрите за непријатностите што ги создал.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека обвинетиот Мијалков во попладневните часови се јави во обвинителството и притоа му е врачено Решение за определена мерка куќен притвор.

Пред два дена како резултат на оперативни сознанија кои укажуваа на можност од бегство, на предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Основниот кривичен суд – Скопје со Решение на обвинетиот Сашо Мијалков му определи мерка куќен притвор и 24 часовен видео и аудио надзор. До денес обвинетиот беше недостапен за органите на прогонот.​