Прилепското основно јавно обвинителство до Основниот суд Крушево поднесе предлог за изрекување казна за жена која не ја почитувала забраната за движење и при легитимирањето од страна на полициските службеници лажно се претставила како нивна колешка.

Како што информираат од обвинителството, жената затекната при прекршување на полицискиот час, на овластените лица им се претставила како полициски службеник.

Таа се товари за продолжени кривични дела непостапување според здравствените прописи за време на епидемија и лажно претставување и за неа Обвинителството предложи парична казна од 3.000 евра во денарска противвредност.