Во Кривичниот суд по скоро седум часа попладнево заврши рочиште за случајот „Тенк“ на кое беа сослушувани тројца сведоци. Ново рочиште е закажано за следната среда, кога искази ќе даваат осум сведоци.
Судот денеска го одби барањето на одбраната во случајот „Тенк“ за целосно читање на содржината на писмените докази како неосновано и рочиштето продолжи со изведување на доказите од одбраната на поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, кои се обвинети за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра.
Претходно СЈО ги прочита само насловите на писмените докази, на што одбраната реагираше дека нема да ги прифати само насловите и побара содржината на доказите целосно да биде прочитана.
Груевски пред да влезе во Судот, по паузата, во изјава посочи дека не постои случај во светот поранешен премиер да одговара зашто остварил корист и одреден број пати користел возило.
– Обвинението е дека сум сакал да имам корист и да се возам во возилото наместо во возило старо 20 години. Сите искази беа во наша корист, тоа беа сведоци на СЈО. Прво, МВР можело без тендер да го набави возилото ако сакало. Второ имало законски рок за тендерот, рече Груевски.
Посочи дека Судот одбил да го одложи денешното судење, поради кое тој всушност денеска не може да присуства на собраниската седница за доверба на Владата.
Судот вчера ги отфрли барањата на одбраната „бомбите“ да не се пуштаат во судница и за изземање на претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев и судечкиот совет. Во попладневниот дел од рочиштето беа слушани аудио снимките.
Според обвинението, во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година Груевски како службено лице ги искористил влијанието и службената положба и побарал од министерката за внатрешни работи Јанкулоска, да спроведе јавна набавка во која министерството ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило „мерцедес“, модел „С-600 гард“, а во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М.А. ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес“.