Адвокатите на Катица Јанева и Бојан Јовановски по судењето за „Рекет” рекоа дека сведоците не можат да помогнат во постапката, а имаа замерки и на начинот на кој биле испрашувани.
-Имавме прилика да слушнеме сведочења за она што не е предмет на обвинение. Тие немаат допирна точка со обвинението. Имаме замерки за начинот на испитување, зошто сведокот раскажува, а не одговара конкретно – рече адвокатот Дељо Кадиев, бранител на Катица Јанева.
На исти став е и Сашо Дуковски, кој е бранител на Бојан Јовановски. Тој смета дека исказите не можат да бидат предмет на доказ во постапката.
-Ништо не кажаа што би можело да помогне. Едниот сведок наведе што слушнал од другиот сведок, а тоа не може да биде доказ во една кривична постапка. Не ми е јасно зошто беше викнат третиот сведок кој наведе дека имал професонален однос со Јовановски. Тој платил реклама и истата била платена според ценовникот. Понекогаш е добро што Обвинителството ја врши работата на одбраната – рече Дуковски.