Скопското обвинителство поведе постапка против 49-годишник кој ги претепал своите родители.
Како што соопшти Обвинителството, настанот се случил во семејниот дом на улицата „Њуделхиска“, на 18 март.
– Манифестирајќи агресивно однесување затоа што не добил парични средства за роденден, тој започнал со клоци да удира на вратата од собата на неговите родители и насилно влегол внатре. Најпрвин го нападнал неговиот татко, удирајќи го со тупаници по главата и кубејќи му еден прамен од косата. Потоа со употреба на физичка сила ја нападнал и сопствената мајка, која пристапила во одбрана на сопругот, удирајќи ја со клоци во главата и во левиот колк. Од ударите двајцата родители се здобиле со телесни повреди – соопшти Обвинителството.
Во конкретниот случај постои опасност од криење и бегство, како и можност осомничениот да го повтори делото, па надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.