Фото: Архива

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи со заедниците Артан Груби изјави дека е можно уште денеска Владата до Собранието да ги проследи францускиот предлог за деблокада на европскиот пат на земјава, заедно со билатералниот протокол со Бугарија и другите придружни документи.

– Владата нема да одлучува за францускиот предлог, туку само ќе ги проследи до Собранието. Владата нема да одлучи по однос на овие прашања без тие документи да дојдат во Собранието, да се усогласат и Собранието да ја заложи Владата да постапува по однос на тие документи. Ние како владејачко мнозинство сметаме дека сите документи кои што се доставени од Брисел и сите билатерални документи кои што се усогласуваат со Софија треба да се поднесат во Собранието каде што парламентарните политички партии треба да отвораат конструктивен дијалог и да одлучуваат по овие документи и потоа да ја заложат Владата со заклучоци по однос на информацијата што ќе ја добијат да постапува. Груби посочи дека во заклучоците стриктно се забранува на оваа и на било која идна влада да донесе било каква одлука и да преговара по било какви услови по однос на историските, културните, јазичните особености на македонскиот народ, но и на сите други заедници во Република Северна Македонија – рече Груби.

Тој рече дека во францускиот предлог не е содржан билатералниот протоколот со Бугарија и дека преговарачката рамка не задира во македонскиот идентитет и јазик и културна посебност. Посочи дека протоколот не е потпишан, туку е усогласуван веќе подолго време и тоа откако е потпишан Договорот за добрососедство на 1 август 2017 година.

– Јас нема да гласам за нешто што би го спорел македонскиот идентитет, култура, јазик, историска особеност. Јас ќе бидам првиот што ќе биде против и убеден сум дека ниту СДСМ, ниту премиерот Ковачевски ќе дозволи да се усвојува било каков документ во било кое време во кој што се спори македонската особеност и во кои што има било какви елементи кои што ја ризикуваат оваа особеност. И знам дека никогаш ниту Ковачевски, ниту било кој друг министер од Владата би донел одлука која што е во спротивност на интересите на Македонците, на Албанците и на другите заедници и на Северна Македонија како држава – рече Груби.

Во однос на инцидентите на вчерашните протести, Груби упати апел до институциите да постапат веднаш кон сите кои што се огрешиле кон законот.

– Тоа што се случи вчера е апсолутно за секоја осуда, неприфатливо и наликува на сценарио помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса за Албанците. Овие се последици од таа коалиција од 5 ноември минатата година токму тука во Собранието за време на тој состанок. Ги повикувам институциите, а посебно Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да постапуваат ревносно и веднаш по однос на сите овие инциденти кои што се случуваат деновиве и кои што се испровоцирани од странски агенти кои функционираат во Република Северна Макеоднија и наликуваат на сценаријата во Црна Гора против членството на таа земја во НАТО. Гледаме дека се мобилизираат неколку стотина луѓе кои што го киднапираат легитимното право на протест на искрени граѓани кои се загрижени по однос на нашата заедничка држава, намерно за да испровоцираат инциденти и за да ја оттргнат нашата држава од патот кон Европската унија. Тоа не е целта на сите тие граѓани кои што протестираат, туку само на стотици кои се инструментализирани, инструирани од странски агенти за да го направат истото како што го направија на 27 април – рече Груби.