Марија Миркуловска

По дефиниција, тикот се опишува како ненадеен грч, движење или звук што нема цел и лицето не може да го спречи по своја слободна волја. Тиковите може да се засилат во услови на стрес, ментална напнатост и употреба на лекови кои го стимулираат централниот нервен систем.

Грицкање нокти, вртење на коса, пукање прсти, гризење на усните… Голем број родителите забележале појава на одредени повторувачки движења или гестикулации т.н. тикови кај своите децата, и мислат дека таквото однесувања е некоја фаза во растењето или пак дека детето на тој начин се обидува да го привлече нивното внимание. Иако многу тикови поминуваат спонтано, без никаква интервенција, има и такви кои не треба да се игнорираат – смета психологот-консултант Марија Миркуловска.

-Детето треба да се следи низ сите фази на развој и така на најдобар начин може да се препознае дали прави гримаси затоа што сака да биде во центарот на вниманието или тоа се движења кои детето не може да ги контролира. Нема причина за претерана грижа, но дефинитивно треба да се обратите кај стручно лице, бидејќи во некои случаи тоа може да биде сериозен проблем – вели Миркуловска.

По дефиниција, тикот се опишува како ненадеен грч, движење или звук што нема цел и лицето не може да го спречи по своја слободна волја. Тиковите може да се засилат во услови на стрес, ментална напнатост и употреба на лекови кои го стимулираат централниот нервен систем. Тиковите спаѓаат во категоријата на невро-развојни нарушувања, или поконкретно, моторни нарушувања кои вклучуваат Туретово растројство, хронични моторни или говорни тикови, минливи тикови, неодредени тикови и други специфични тикови.

Фото: Пекселс

Според психолозите тиковите се делат на едноставни и сложени, и истите можат да бидат моторни или вокални.

– Едноставните моторни тикови се јавуваат во форма на ненадејни, брзи движења на одделни мускулни групи како што се: специфично трепкање, создавање ист звук со усните, редовно задржување на јазикот на исто место во устата, згрчување на главата (во одредена позиција, на пример на страна или наназад), извртување на рамениците, гримаси, чкрипење со забите итн. Во мал број случаи, моторните тикови може да доведат и до самоповредување кај децата кои постојано го гризат јазикот или усните – покаснува Миркуловска.

Таа додава дека комплексните моторни тикови, пак за разлика од претходните, се појавуваат како повторувачки обрасци на движења кои вклучуваат голем број мускулни групи. Децата кои имаат ваков тип на тик можат да ја замавнуваат главата од едната на другата страна, односно постојано да ја вртат десно – лево. Голем број деца имаат и стенкање, скокање, повеќекратно допирање на дел од телото, ставање во уста на предмети или делови од телото, тапкање со нозете, извиткување на телото…

Таа истакна дека едноставните вокални тикови се исто така многу разновидни и дека детето може да повторува бесмислени звуци или одредени видови зборови, како кашлање, грофтање, рчење, врескање, пукање на јазикот или пак изрази како „ух ух“ или „еее“.

Фото: Пекселс

Според Миркуловска, сложените гласовни тикови вклучуваат употреба на различни тонови на гласот, повторување на сопствени зборови или фрази, повторување туѓи зборови или реченици, дури и користење вулгарни реченици.
– Гласовните тикови се јавуваат во само 5 отсто од случаите, додека пак моторните тикови без говорни тикови се многу почести – појаснува Миркуловска додавајќи дека формата на тикови, кога има сложени моторни тикови и еден или повеќе вокални тикови, се нарекува Жил де ла Турет синдром.

– Овој тип на тиковно нарушување е многу онеспособувачки за детето, но за среќа е релативно редок во секојдневната клиничка пракса. Болеста обично се јавува на возраст од шест до девет години и е наследна. Ако едниот родител го има овој синдром, постои 50 проценти шанса децата да ја наследат болеста. Но, иако болеста се наследува во генетскиот материјал, тоа не мора да значи дека детето ќе ја наследи, особено ако е женско, бидејќи е докажано дека само 20 до 30 отсто од девојчињата се разболуваат. Со момчињата е сосема поинаку, бидејќи ако го наследиле генот што предизвикува синдром Жил де ла Турет, во 99 отсто од случаите ќе имаат една од манифестациите на оваа болест.

Миркуловска вели дека тиковите кај децата може да бидат минливи или хронични.
– Преодните тикови често се јавуваат поради стрес, а нивото на возбуда или напнатост ги влошува. Се појавуваат неколку пати на ден, речиси секој ден, најмалку четири недели, траат најдолго една година но можат да се појават неколку пати во текот на неколку години. Нивниот третман често не е неопходен бидејќи тие исчезнуваат сами од себе. Најчесто започнуваат на возраст од три до десет години, а се јавуваат кај 4-24 отсто од училишните деца – вели Миркуловска.
Од друга страна пак, како што објаснува, хроничните тикови, кои можат да бидат или говорни или моторни (но не и двете во исто време), се јавуваат неколку пати на ден, речиси секој ден, и траат повеќе од една година. Но за разлика од периодичните, многу се поретки и се јавуваат кај помалку од 1 процент од децата.

Според истражувања спроведени на оваа тема докажано е дека тиковите се јавуваат почесто кај децата отколку кај возрасните, дека почести се кај момчињата отколку кај девојчињата и дека дури 10 проценти од децата доживуваат појава на некакви тикови пред да наполнат 10 години. Тиковите се влошуваат за време на адолесценцијата, бидејќи личноста ги доживува како срамни. Тиковите се зголемуваат кога личноста е под стрес, дури и ако стресот е позитивен. Се намалуваат за време на спиењето, но не исчезнуваат. Од друга страна, кај некои луѓе тиковите се најизразени кога се опуштени. Исто така, тиковите често се интензивираат кога личноста е во нова или високо структурирана ситуација, како на пр. кај лекар, што пак ја отежнува дијагнозата.

На прашањето, што предизвикува појава на тикови, Миркуловска вели дека се уште не е точно познато, бидејќи порано емоциите се сметале за главна причина за нивна појава, но денес научниците се фокусираат на биолошките, хемиските и еколошките фактори. И дека се претпоставува оти појавата на тикови е делумно вродена бидејќи генетските фактори се присутни во 75 отсто од случаите. Но дека сепак се уште не е изолиран ниту еден ген, под чие влијание би се појавил тикот.

Авторите на теориите за психолошкото потекло на тиковите сметаат дека основната причина за тиковите е во динамиката на семејните односи.

– На родителите обично им е тешко да ја прифатат појавата на тиковите кај своите деца и поминуваат низ големи тешкотии обидувајќи се да го решат проблемот. Затоа на родителите секогаш им се советува да посветат посебно внимание на детето кога има големи промени во семејството, како што се: започнување во градинка, селење, развод на родителите, доаѓање на ново бебе во семејството, и сл. бидејќи овие настани можат да бидат поттик за разнишување на детската самодоверба која ќе резултира со некакво несакано однесување – вели нашата соговорничка.

Фото: Пекселс

Кога треба да се побара стручна помош и како се лекуваат тиковите?

– Најпрво, важно е да се процени степенот до кој тиковите влијаат на квалитетот на животот на детето. Некои тикови се помалку изразени и не му пречат значително на детето, па со текот на времето сами се повлекуваат. Доколку тиковите се значително вознемирувачки, без разлика на нивното времетраење, доколку траат подолго од еден месец или ако се присутни повеќе видови тикови (моторни и вокални), потребно е да се побара стручна помош – смета Миркуловска.

Таа објасни дека во моментов не постои лек за овој тип на нарушување и дека се користат одредени лекови кои можат да го намалат интензитетот на тиковите, но не и целосно да ги спречат.
– Важна е едукацијата на родителите за овој тип нарушување, бидејќи ако разберат што се случува со нивното дете, полесно ќе се справат со нив и ќе можат да го поддржат детето на поадекватен начин. Не треба да го обвинувате детето за тикови, ниту пак да им обрнувате дополнително внимание, бидејќи тоа може да доведе до дополнителен стрес и влошување на симптомите – потенцира Миркуловска додавајќи дека стресот е една од причините за влошување на тиковите.

Според Миркуловска третманот на лекување трае од три до шест месеци, а кај возрасни пациенти до една година.
– Најчест е комбинираниот пристап кон лекувањето – психолошки, психомоторен (вежби), а понекогаш се вклучени и лекови. Во тешки случаи, во зависност од видот на тикот и возраста на детето, се препорачуваат техники за релаксација, антистрес програми, вежби за дишење – појасни Миркуловска.

Таа истакна дека кај минливи моторни тикови не е неопходен третман, додека пак во тешките случаи може да се применат техники за релаксација, анти-стрес програми, автоген тренинг и психотерапија (разложување на емоционалните проблеми предизвикани од тикови). Третманот пак на хроничните моторни тикови се состои од давање лекови со задолжително додавање на психотерапија и вежби за релаксација.