Теренот е непристапен, се слушаат детонации на гранати
Петнаесет волонтери на планинската спасителна служба при Црвен крст и алпинистичкиот клуб „Патагонија“ од Охрид, заедно со девет припадници од Ренџерската служба на Национален парк Галичица, од самиот почеток на пожарот се во постојана битка со огнената стихија, која веќе десет дена беснее во високо планинските предели на Галичица, информираа вечерва од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
– Повремено поткрепени и со тимови на Територијалните противпожарни единици Охрид и Ресен, Дирекција за заштита и спасување, како и со доброволци од локалното население, во изминатитедесет дена, тимовите се обидуваа да го стават под контрола пожарот во високо планинските предели на над 2.000 метри надморска височина, каде пристапот е возможен само со пешачење од најмалку два часа, а во неколку наврати беа транспортирани и со хеликоптер на МВР – информираат од ЦУК.
Оттаму додавааат дека големината на огнениот фронт, тешко пристапниот терен, неповолните временски услови како и големиот број на детонации од неексплодирани гранати, не дозволиле локализација на пожарот во високата зона и полека навлегол во буковите шуми на исток, запад и север.
– Последните три дена, волонтерите сместени во планинската куќа „Спиридон“, постојано се на терен и 24 часа го контролираат развојот на пожарот со цел подговување на подобар план за делување следниот ден. Во моментот, се делува со рачно обезбедување на заштитни појаси во шумските предели, со цел заштита на што е можно поголем шумски фонд, за што дополнително се вклучени и поголем број на доброволци планинари и ловџии од Охрид и Ресен. Денеска дејствуваа и два воздухоплови кои им помогнаа на тимовите во навистина тешката битка. Иако веќе исцрпени, волонтерите на планинската спасителна служба, со целокупниот материјално технички капацитет на службата, со три теренски возила и едно специјално транспортно возило, како и со обезбедување на логистика во храна и вода за сите учесници во гасењето на пожарот, обезбедена од сопствениот скромен буџет и неколку компании донатори, остануваат на терен се до конечно гаснење на огнот – информираат од ЦУК.
Инаку, вечерва огнот кој гореше од преспанската страна на Галичица, се префрли и на охридската страна, па пламените јазици сега се видливи и од страната на Охрид. Граѓаните велат дека во градот се чувствува мирис на чад.
Според директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов густиот црн чад најверојатно е предизвикан од поголемиот број смреки и овој чад предизвикува силна вознемиреност кај граѓаните.
– Втората карактеристика на овој пожар, особено од охридска страна е што се слушнаа неколку детонации на неексплодирани минско-експлозивни средства, остатоци од војните кои се воделе на овој регион и фронтовата линија. Тоа дополнително го отежнува гасењето на овој пожар бидејќи мораме да почекаме истиот да се приближи кон шумата каде што е релативно побезбедно, затоа што на голиот појас, каде има претежно трева и грмушки и друга ниска вегетација, гасењето е ризично и опасно бидејќи постои можност од експлозии – истакна Ангелов.
Во меѓувреме, кампери кои се наоѓаат во Љубаништа, велат дека преку денот во Охридското езеро имало саѓи и пепел и дека тоа било причина да си заминат од кампот.
Инаку, вечерва на социјалните мрежи се споделува апел до сите граѓани кои би сакале доброволно да земат учество во гасењето на пожарот.
– По консултација со планинската спасителна служба, сите физички подготвени доброволци, утре во седум часот да се пријават кај планинарската куќа „Спиридон“, со свој алат, мотика или гребло. Најважно е да сте физички подготвени со основна планинараска опрема, чевли и слично – се вели во апелот што се споделува на социјалните мрежи.