Центарот за управување со кризи поднесе барање до МВР за расветлување на нападот од мечка врз 76-годишно лице, на потегот меѓу селата Пласница и Ораоец, општина Македонски Брод, пренесе „Макфакс“.
Мечка нападна човек, го спасиле ловци
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, изјави дека кога ќе бидат утврдени сите околности од овој напад, МВР треба да собере детални информации за мечката и потоа да се побара од Министерство за земјоделство и од Министерството за екологија да извршат процена дали се исполнети условите за отстрел.
Ангелов повтори дека ЦУК е против убивање на мечките, но во случај на појава на опасна мечка што нападнала човек и постои опасност повторно да го направи тоа, тие ја поведуваат процедурата пред надлежните министерства.
– Ние како ЦУК сме против убивање на мечките, ние сме против нивно застрелување. Тука зборуваме за опасни мечки што нападнале човек. Ги сакам мечките, но повеќе ги сакам луѓето. Ако некоја мечка нападнала човек и постои опасност пак да нападне, јас сум на ставот дека треба да биде застрелана – рече Ангелов.
Според информациите, во последните десетици години досега не бил регистриран напад од мечка, па затоа ЦУК бара расветлување на случајот од страна на МВР.
– Вчера, лично зборував со човекот. Беше преплашен. Сакаме да дознаеме што точно се случило, зошто мечката го нападнала бидејќи факт е дека нападот не бил многу сериозен. Ако мечката сериозно го нападнала, ќе имаше многу посериозни последици. Можно е мечката да била исплашена бидејќи било ловен ден. Имало истрели од ловците, можеби бегала исплашена, налетала на него, го удрила, бидејќи по неговите кажувања само го турнала со шепите. Потоа го гризнала за слабините, но не силно, бидејќи раните се релативно плитки и мечката веднаш побегнала. Можеби се работи за несреќен случај кога во погрешно време се нашол на погрешно место. Дополнително, институциите ќе испитаат дали се работи за агресивна мечка – рече Ангелов.
Прашан дали има стручни лица за дислоцирање на мечките од Маврово и Ростуше, Ангелов рече дека има доволно иако не е голема бројката, а во стручноста не се сомнева. Сепак, Ангелов оцени дека постапката за успивање на мечките е комплицирана и тешко е да се определи дозата.
– Нашата цел не е да ги убиеме мечките, туку безбедно да бидат пренесени на друго место, каде што нема никому да му пречат – рече Ангелов.
Ангелов објасни дека постои можност некои од мечките што би биле заловени на овие подрачја, каде што ги има премногу, да бидат дислоцирани онаму каде што овие животни се истребени. Се поставува прашањето, вели Ангелов, како ќе реагираат жителите каде што овие мечки би биле пуштени на слобода, а не научиле да живеат со мечки, па затоа неопходен е сеопфатен план.