Фото: Игор Бансколиев / Архива

Зголемениот број на болни деца се должи на заладувањето и есенските температиру, на мешањето на децата меѓу себе, но и на нивниот намален имунитет, зашто поради пандемијата ги чувавме во стаклено ѕвоно

Полна половина од детската болница „Козле“

Во текот на 24 часа на Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“ во Скопје лекарите прават повеќе од 100 прегледи. Во болницата лежат 46 деца, со што исполнет е половина од капацитетот на установата. Најчесто се соочуваат со бронхопневмонии. Д-р Бесник Зеќири, директор на институтот, вели дека најмногу се прегледуваат и хоспитализираат помали деца, чиј имунитет потешко се изборува со вирусите и бактериите. Во установата лежи едно дете со ковид-19.

-Во принцип повеќе од децата што родителите ги носат на преглед се помали, до 4-5 години. Околу 70 проценти од децата се до една и пол година. Сите имаат проблем со инфекции на дишните патишта, а всушност и ние сме установа во која се лекуваат деца со белодробни заболувања. Повеќето од нив се со бронхопневмонии. Кај некои матичните веќе ординирале терапија, но има потреба од помош во секундарна установа и доаѓаат заради инфузии, инхалации или друг вид на лекување. Има и такви кои по преглед и давање терапија си одат дома – вели д-р Зеќири.

Зголемениот број на прегледи, т.е. на болни деца, според него, се должи на заладувањето и есенските температиру, но и на мешањето на децата меѓу себе.

-Наутро е студено, а потоа се стоплува. Мислам дека децата не се облекуваат соодвето, се мешаат во градинки или во училиште. Доволно е во групата да има едно заразено дете и да го пренесе вирусот на други – вели лекарот.

Д-р Бесник Зеќири / Фото: Приватна архива

Тој советува дека е најдобро децата да се облекуваат слоевито, а најбитно наутро да се добро затоплени. Апелира на одговорност на родителите, да не носат настинати деца во градинка или училиште, а на тоа да внимаваат и вработените во овие установи.

-Треба да се зголеми свеста. Помалите деца се почувствителни, тие немаат доволно изграден имунитет. Има влијание и тоа што ги чувавме во стаклено ѕвоно поради пандемијата, па сега нивниот имунитет е помал – додава д-р Зеќири.

Н.Б.З.