Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски смета дека одлуката на градоначалникот на Струмица да го напушти ЗЕЛС е избрана. Вели дека е точно тоа дека работата на градоначалникот на Струмица била отежната и дека можеби имал политички влијанија и притисоци, но дека сепак пред да се донесе одлука, потребна е координација.
– Верувам дека работата на градоначалникот е отежната, можеби има и политички влијанија и притисоци, но одлуката за напуштање на ЗЕЛС е избрзана. Проблемот со питката вода за пиење во Струмица е евидентен и сигурен сум за притисокот кој се чувствува од граѓаните, но сметам дека пред да се донесе конечна одлука, претходно е неопходна координација, состанок и решавање на проблемите на маса – рече Герасимовски во гостување на „Канал 77“.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски ги повика градоначалниците на Струмица и Карпош на средба во понеделник.
Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов преку објава на Фејсбук вчера соопшти дека нема да присуствува на следната сендица на ЗЕЛС и дека за струмичани поважни се три приоритети – седнување на маса со експерти од МЗШВ и АД Водостопанство и решавање на проблемот, Институтот за јавно здравје јавно да ги објави резултатите од водата, расчистување на ситуацијата со унгарскиот кредит и разгледување на можноста за повторно седнување на маса во ЗЕЛС.
– Јавно и одлучно потврдувам дека нема да присуствувам на следната седница во ЗЕЛС, што е уште една потврда на мојата одлука околу понатамошното членство во ЗЕЛС. Очигледна е војната против струмичани и Струмица, а се уште нема причини зошто е одбиен проектот од унгарскиот кредит и зошто Институтот за јавно здравје не ги објавува резултатите за водата. Некој свесно ја мати водата за политички поени – реагираше градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов попладнево на својот фејсбук профил за повиците да ја преиспита одлуката за понатамошното учество на Општина Струмица во ЗЕЛС.
Претседателот на ЗЕЛС по најавите за излегување на Струмица и Карпош од ЗЕЛС изрази надеж дека двајцата градоначалници ќе ја преиспитаат одлуката.
– Вратата од ЗЕЛС е отворена за сите, секој проблем се решава, доколку има интерес и доколку не се крие нешто друго во позадина на овој процес. Стојам на располагање како и досега за сите мои колеги, верувам дека разумно ќе постапат и верувам дека можеби ова е моментален начин на кој можеби сакаат и медиумски да добијат поголема достапност за одредени теми и поголема драма да направат, но длабоко сум уверен дека ќе размислат во интерес на граѓаните – рече Ѓорѓиевски.
За министерот за локална самоуправа Златко Перински, ваквиот потег на општините Струмица и Карпош, не е решение затоа што најмногу губат граѓаните. Перински во изјава за МИА рече дека секоја најава за нарушување на единството на ЗЕЛС му штети и на ЗЕЛС и на сите општини.
– ЗЕЛС е единствената асоцијација на единиците на локалната самоуправа која што има мандат да ги застапува нивните интереси пред Владата. Добро е и во иднина да остане така. Ваквото однесување сериозно ја нарушува позицијата на ЗЕЛС, затоа што само единствен ЗЕЛС може да биде сериозен партнер на Владата во разговорите за унапредување на системот на локалната самоуправа и на развојот на општините, зад што оваа Влада застана многу отворено и јасно и преку конкретни решенија тоа веќе го потврдуваме – изјави Перински.