Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши со објава на фејсбук ја потврди информацијата за неговата средба со поранешниот премиер и експретседател на СДСМ Зоран Заев.
Во објавата Гаши вели дека нема ништо мистериозно во средбата, и како што напиша, вистинското прашање е „зошто го следат службите на СДСМ-ДУИ“.
-Како лидер на Алтернатива, имам мандат и должност да се среќавам со сите политички актери во земјата. Така сум работел досега и така ќе работам и во иднина. Следствено, нема ништо посебно и мистериозно во мојата средба со поранешниот премиер Зоран Заев. Јас го разбирам интересот на медиумите за оваа средба, но мислам дека вистинското прашање не е кој, каде и зашто се среќавам, туку зошто, по чиј налог и од каков страв ме следат службите СДСМ-ДУИ – наведува Гаши во неговиот фејсбук статус.
Фотографија од оваа средба објави денеска на Фејсбук независниот пратеник во македонското Собрание, Скендер Реџепи прашувајќи зошто Гаши требал да оди на средба со Заев дури до Струмица.
-Прашање за еден милион евра? Што побара денеска Африм Гаши од Зоран Заев и зошто требаше да оди дури до Струмица? Активистите на Алтернатива, како и пошироката јавност, заслужуваат да ја знаат вистината за оваа средба – напиша Реџепи.
Скендер Реџепи стана независен пратеник откако во јуни минатата година ја напушти пратеничката група на Алтернатива – партија што до скоро беше владин коалициски партнер на СДСМ. Алтернатива излезе од Владата откако, Алијанса за Албанците со реконструкцијата стана нов владин коалициски партнер.