Рефомрските агенди на Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора и Косово се одобрени во рамки на новиот Инструмент за реформи и раст во износ 6 милијарди евра, познат како План за раст на Западен Балкан – објави на мрежата „Х’“ унгарското претседателство со ЕУ.
-Ова го трасира патот пре-финансирањето да започне за време на унгарското претседателство со Унијата. Поддршката на интеграцијата на Западен Балкан, останува клучен приоритет на унгарското претседателство – се наведува во соопштението.
Согласно Планот за раст на Западен Балкан вреден 6 милијарди евра, земјава треба да добие 750 милиони евра поделени на неколку транши, а првата транша од 7 проценти, односно 52,5 милиони евра, државава ќе ја добие најдоцна до крајот на годината.
Според формулата од Регулативата за инструментот за реформи и раст, усвоена од страна на Европскиот парламент и Советот на ЕУ, Македонија треба да добие 750,4 милиони евра за периодот 2024-2027 година. Овие средства ќе бидат условени со реализација на конкретни квалитативни и квантитативни чекори поврзани со мерките за планираните реформи.
Советот на Европската Унија на почетокот од мај годинава го одобри Планот за раст на Западен Балкан, кој со обезбедените дополнителни 6 милијарди евра треба да ги поддржи земјите на патот кон членство во ЕУ.