Фото: МОН

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири денеска на прес-конференција апелираше до вработените во Државниот испитен центар, кои веќе извесен период штрајкуваат, да не ја доведат во прашање државната матура што треба да ја полагаат средношколците.

-Државната матура ќе се полага и мора да се полага. Институциите, вклучувајќи ја и ДИЦ, МОН и другите институции треба да го дадеме максимумот за да се организира државната матура. Јас секогаш и во претходните ситуации кога сме имале штрајк, апелирам да не се искористи иднината на средношколците заради нивна придобивка. Од Министерството за финансии, МТСП и другите институции очекуваме да биде потпишан Општиот колективен договор и новиот закон за плати. Барам разбирање и да најдат начин никогаш да не се донесе под знак прашалник реализацијата на државната матура. Нека продолжат со барањата, но државната матура да се реализира – рече Шаќири.

Тој потенцира дека од Министерството за финансии е даден предлог за усогласување на платите.

– Предлогот што е даден од Министерството за финансии е усогласување, а тоа усогласување значи покачување, но во момент кога зборуваме за тоа дали и колку сме задоволни, секогаш барам да не се стави под знак прашалник државната матура. Како што денеска и вчера после одреден период почнаа да се реализираат испитите за директор, така да имаме разбирање и за тие 29 вработени за да ја реализираме државната матура. Јас ќе поддржам се што е во рамки на можнсотите на буџетот на финансии – рече Шаќири.