Со оглед на нискиот процент на реализирани активности и мерки на акцискиот план на Стратегијата, како и на фактот дека во некои сектори не е реализирана ниту една активност, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) смета дека е неопходно да се воспостави силен механизам за контрола. но и институционална одговорност и отчетност за реализација на мерките, се наведува во една од препораките што произлегуваат од Годишниот извештај за спроведување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, за период 1 јануари до 31 декември 2021 година, што беше усвоен на денешната 64-та седница на ДКСК.
Од Комисијата, меѓу другото, водејќи се од Извештајот, дадоа предлог да се интензивираат активностите на Собранието во насока на зголемена отчетност, одговорност и транспарентност на носителите на јавните функции во извршната власт, кои се задолжени за спроведување на активностите од Стратегијата.
– Понатаму, институциите кои се носители на активностите од Стратегијата да создадат услови за континуиран и ефективен систем за известување за степенот на реализација за активностите за кои се задолжени во рамките на својата институција како и кон ДКСК. За Државната комисија да се обезбедат средства за зајакнување на капацитетот, односно за формирање на посебно одделение за следење на реализација на Стратегијата, за континуирана комуникација со институциите со цел да биде активен двигател за реализација на активностите преку квартално прибирање на податоци од институциите и редовно одржување на состаноци по области – препорачаа од ДКСК.
Оттаму, осврнувајќи се на Извештајот, оценуваат дека треба да се изврши изменување и дополнување на Стратегијата во насока на ажурирање и прилагодување на мерките и активностите, рокот на реализација, индикаторите и надлежните институции. Понатаму, како што додадоа, потребно е вградување на предлозите што собраниските тела ги дадоа при усвојување на Стратегијата минатата година и дефинирање на дополнително детектираните приоритети и проблеми, кои се однесуваат на инспекциските служби и располагањето со државниот имот.
На денешната седница на ДКСК беше усвоен и Годишниот извештај за работа на ДКСК за 2021 година.
Имено, од ДКСК наведоа дека секоја година бројот по пријави или предмети се зголемува и информираа дека оваа година примиле 583 пријави од областа на корупцијата, 89 за судир на интереси и 48 за финансирање на изборни кампањи или вкупно 720 пријави.
– По сопствена иницијатива сме отвориле 16 предмети од областа на корупцијата, 17 од судир на интереси, 45 од имотна состојба, шест од финансирање на изборни кампањи или вкупно 84 пријави. Сме донеле одлуки за 675 предмети, од кои најмногу од сферата на корупцијата, посочија од ДКСК.
На 64-та седница на ДКСК беше даден и усвоен предлог да се зголемат активностите за проверка на имотната состојба на пратениците. Односно, согласно планот за работа, од листата за проверка да бидат отстранети 10 претседатели на совети на општини и наместо нив да бидат ставени 10 пратеници, кои ќе бидат избрани согласно критериумите и ризикот.